12/05/2008
Проевропската коалиција околу претседателот Борис Тадиќ освои мнозинство гласови на општите избори во неделата, но нејзината способност за формирање нова влада е неизвесна.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 12/05/08
![]() „Граѓаните на Србија го потврдија европскиот пат на Србија“, рече претседателот Борис Тадиќ. „Србија ќе биде во ЕУ. Ние го ветуваме тоа и ќе го исполниме.“ [Getty Images] |
Коалицијата околу Демократската партија (ДС) на српскиот претседател Борис Тадиќ освои мнозинство гласови во неделата (11-ти мај), но можеби нема да може да формира влада.
Според Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСИД), невладина организација со седиште во Белград, демократите, кои се залагаат за најбрза можна интеграција во ЕУ, ќе освојат 103 од 250 места во парламентот. Со тоа, ДС стави крај на долготрајната доминација на екстремно десничарската Српска радикална партија, која ќе има 77 места.
Конкурентската коалиција околу Демократската партија на Србија (ДСС), предводена од премиерот Воислав Коштуница, ќе има 30 места, додека Социјалистичката партија на Србија, ќе има 20. Либералдемократската партија ќе има 13 места, додека партиите што ги претставуваат етничките малцинства ќе имаат десет места. Според СЕЦИД, одѕивот беше околу 61 отсто.
Ако властите ги потврдат овие резултати, партијата на Тадиќ нема да може да формира влада без поддршка на ДСС на Коштуница, или социјалистите, кои поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ ги водеше до својата смрт. Од друга страна, радикалите можат да постигнат мнозинство во сојуз со ДСС или Социјалистичката партија.
За време на кампањата, Тадиќ и Коштуница разменија жестоки обвинувања, поради што мала е веројатноста за нивна повторна соработка во друга влада. Коштуница остро ги прекори демократите за потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, тврдејќи дека тие всушност ја признале независноста на Косово, кое официјално се отцепи од Белград на 17-ти февруари.
Тадиќ, од друга страна, го обвини Коштуница дека сака да ја спречи европската интеграција во неговата борба за Косово. Со ова, формирањето на новата влада ќе зависи од социјалистите, кои, судејќи по нивната кампања, се доближија до позициите на ДСС и радикалите. Партијата објави дека најпрво ќе разговара со Коштуница за потенцијалната коалиција. Заменик-претседателот на Радикалната партија, Томислав Николиќ, исто така, најави преговори со Коштуница уште во понеделник.
Тадиќ рече дека веднаш ќе започне со формирањето на новата влада, која ќе се заложи за членство во ЕУ и зачувување на српската власт над Косово. Тој ги предупреди партиите што се противат да „не си играат со волјата на граѓаните“ и ги предупреди за евентуалното формирање влада што би ја вратила Србија назад во изолација.
Николиќ, пак, го обвини Тадиќ за кршење на уставот со отфрлањето на можноста за влада без неговата партија.
Коштуница и високи претставници на Социјалистичката партија не изјавија ништо во неделата вечер за потенцијалните коалициски партнери.
Белградските аналитичари велат дека меѓупартиските преговори ќе бидат тешки и дека социјалистите, најверојатно, ќе играат клучна улога. Аналитичарот Јово Бакиќ рече дека победата на партијата на Тадиќ им покажа на социјалистите на која страна треба да бидат. Крајниот рок за формирање влада е средината на септември.
Во меѓувреме, косовските Срби гласаа на српските локални избори во неделата, некои во надеж дека Белград ќе ја поврати власта над Косово.
„Косово е интегрален дел на Србија“, рече Драган Милиќ, гласајќи во близина на Приштина. Од друга страна, неидентификуван 45-годишник рече: „[Наместо] ова, гласав на косовските избори. Ја признавам новата реалност.“
„Тие ,локални избори’, нивниот исход и српските општински институции за кои тие наводно избраат претставници се без правен статус или ефект во Косово“, рече шефот на УНМИК, Јоаким Рикер.
Србите моментно се втората по големина етничка група во Република Косово. Бројот на Србите е помеѓу 120.000 и 150.000 или од 7 до 8 отсто од населението.
Блерта Фониќи-Кабаши придонесе за овој натпис.