09/05/2008
Водачите на заедниците на кипарските Грци и кипарските Турци, наводно, планираат да се состанат на 23-ти мај, за да го проверат напредокот во подготовките за отворање нови преговори.
(Сајпрус мејл - 09/05/08; AП, АФП, ДПА, КНА, Фајненшал мирор, Катимерини - 19/04/08; AФП, ДПA - 18/04/08)
![]() Кипарскиот претседател Деметрис Христофиас (лево) и водачот на Турската Република Северен Кипар, Мехмет Али Талат, ќе се состанат подоцна овој месец. [Getty Images] |
Кипарскиот претседател Деметрис Христофиас и водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат, ќе се состанат за две недели со цел да ги проценат направените подготовки пред отпочнувањето на новиот круг разговори за повторно обединување, објавија во четвртокот (8-ми мај) официјалните претставници во поделениот медитерански остров.
Во кусото соопштение, портпаролот на кипарската влада, Стефанос Стефаниу, рече дека состанокот ќе се одржи на 23-ти мај, но не даде други детали.
На 21-ви мај, Христофиас и Талат се согласија да формираат работни групи и технички комисии за договарање на деталите на договорот за повторно обединување.
За време на нивните први разговори во четири очи по победата на Христофиас на претседателските избори на 24-ти февруари, тие, исто така, се согласија да се состанат повторно за три месеци и да ја проверат работата на овие комисии, со цел отворање сеопфатни мировни разговори под спонзорство на ОН во јуни.
Весникот на кипарските Грци Сајпрус мејл цитираше дипломатски извор, кој сакал да остане анонимен, дека целта на состанокот на 23-ти мај ќе биде „да се процени работата што досега ја завршија овие комисии и да се види како стојат работите“.
Под раководство на советниците на Христофиас и Талат, Јоргос Јакову и Оздил Нами, минатиот месец се формирани шест работни групи и седум технички комисии, составени од 150 кипарски Грци, кипарски Турци и претставници на ОН. Тие од 18-ти април се состануваат секојдневно во базата на ОН на стариот аеродром во Никозија за да ги постават темелите на идните преговори.
Тие разговараат за редица прашања поврзани со повторното обединување, почнувајќи од горливите -- како што се безбедноста, имотот и територијата -- па сé до секојдневните грижи.
Претходно, Јакову предупреди дека процесот можеби нема да оди мазно. Тој, исто така, рече дека ќе биде „апсолутно невозможно“ Христофиас и Талат да отворат преговори без некаков напредок на ниво на групите.
„Навистина не мислам дека можете да кажете оти ќе има или нема да има напредок. Ќе има од сите нијанси: ќе има црно, ќе има бело и ќе има сиво“, рече тој.
Нами, исто така, ја истакна потребата преговорачите да бидат попрагматични во нивната работа со цел да се постигнат резултати.
„Мораме да го промениме начинот и мораме да почнеме да размислуваме како тим, а не како ривали“, рече тој на 18-ти април. „Не можеме да си го дозволиме луксузот да бидеме емотивни, лути или тврдоглави. Нашите водачи очекуваат од нас да постигнеме резултати кои ќе ги користат во нивните директни преговори за помалку од три месеци. Според тоа, немаме многу време.“
Христофиас и Талат говореа кусо во средата, кога двајцата присуствуваа на приемот на кој домаќин беше Словачката амбасада во Никозија.
Во четвртокот Талат присуствуваше на вечерата во Лимасол, чиј домаќин беше водачот на партијата на кипарските Грци ДИСИ, Никос Анастасиадес, кој изрази надеж дека ваквите собири „помеѓу земјаците“ наскоро нема да бидат ништо невообичаено.
Талат рече дека очекува двете заедници „да се придвижат напред кон подобри односи“ за да може да се постигне решение „што е можно поскоро“.
Кипар е поделен на зона со која управуваат кипарските Турци на север и зона контролирана од кипарските Грци на југ од 1974 година, кога турските војници го окупираат островот по кускиот државен удар, поддржан од Атина, со цел негово обединување со Грција.
Последните напори за повторно обединување пропаднаа во 2004 година, кога кипарските Грци го отфрлија планот предложен од тогашниот генерален секретар на ОН Кофи Анан. Иако мнозинството кипарски Турци го прифатија планот, само меѓународно признаениот дел на островот, оној на кипарските Грци, влезе во ЕУ во мај 2004 година, како единствена власт на земјата. Администрацијата на кипарските Турци е признаена само од Анкара.
Премиерот на кипарските Турци, Ферди Сабит Сојер, во четвртокот изрази надеж дека Христофиас и Талат „ќе отпочнат сеопфатен преговарачки процес под покровителство на ОН во јуни и дека ќе се постигне сеопфатно решение кон крајот на оваа година.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's