08/05/2008
Само еден месец по самитот на НАТО во Букурешт, Македонија и Соединетите Држави се согласија да ги зајакнат врските.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје -- 08/05/08
![]() Македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски (лево), ја придружува американската државна секретарка Кондолиза Рајс, на церемонијата на потпишување во средата (7-ми мај) во Стејт департментот во Вашингтон. [Getty Images] |
Maкедонија и Соединетите Држави потпишаа договор за стратешко партнерство, кој покрива најразлични области. Американската државна секретарка, Кондолиза Рајс, и нејзиниот македонски колега, Антонио Милошоски, го потпишаа договорот во средата (7-ми мај).
„Ова е многу важен, историски настан за Македонија“, рече Милошоски. „Во Соединетите Држави ние гледаме партнер на кој можеме да се потпреме и сојузник, и Македонија ќе остане сигурен партнер на Соединетите Држави во нашите напори да ги оствариме нашите заеднички цели и да ги споделиме нашите заеднички вредности.“
Потпишувањето дојде само еден месец откако НАТО го заврши својот априлски самит во Букурешт. Иако Македонија се надеваше дека ќе добие покана за влез во Алијансата, нејзината кандидатура беше блокирана поради тековниот спор околу името со Грција. На заедничката прес-конференција во средата, Рајс го потврди ставот на Вашингтон дека Македонија припаѓа во НАТО.
„Сметам дека е добро познато оти Соединетите Држави се силни поддржувачи на пристапот на Македонија во НАТО, веднаш штом ќе се постигне решение за спорот околу името“, рече таа. „Ние се надеваме дека тоа ќе се случи навистина многу бргу, бидејќи Македонија заслужува да биде членка.“
Грција и Македонија се добри пријатели на Соединетите Држави, рече Рајс. „Наша голема надеж е дека со доволно волја и доволно напори, како и доволно флексибилност, ова прашање ќе може да се реши“, рече таа, повикувајќи на удвојување на напорите за изнаоѓање решение.
Милошоски, пак, рече дека неговата земја ја покажа својата посветеност на евроатланската интеграција. „Нашата цел е полноправно членство во НАТО“, рече тој. „Нашите војници служат рамо до рамо со американските и другите војници во мисиите на НАТО во светот. Македонија докажа дека, како мирољубива земја во Југоисточна Европа, навистина може да придонесе за мирот, стабилноста и економскиот развој во регионот.“
Договорот што беше потпишан во средата ја потврдува соработката во областите на трговијата и економијата, повикува на посилни врски на безбедносната сцена и ги истакнува конкретните мерки потребни за зајакнување на контактите на државно ниво помеѓу двете земји. Скопје и Вашингтон „сакаат да го зајакнат својот стратешки однос преку интензивирани консултации и соработка во областите на безбедноста, врските помеѓу двата народа и трговијата“, се вели во истиот.
За многумина во Македонија, клучната клаузула во договорот е онаа во која се искажува поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на државите, целите и принципите на повелбата на ОН, и за унитарна, мултиетничка Македонија во нејзините постојни граници.
Според овој договор, Соединетите Држави веднаш ќе обезбедат дополнителна помош за Македонија со цел да й помогнат во градењето благосостојба, зајакнувањето на безбедноста и развивањето поблиски врски.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's