ЕУ: Демократските реформи се клучни за стабилноста на Турција

07/05/2008

ЕУ ја повика Турција да го забрза својот реформски процес и да изгради нов политички дијалог, заснован на компромис.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 07/05/08

photo

„Сите проблеми треба да се решат низ домашните демократски процеси. Тоа е единствениот пат за Турција да се придвижи напред“, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен. [Getty Images]

Кандидатурата за пристап на Турција зависи од нејзината домашна политика и реформите, рекоа официјалните претставници на ЕУ во вторникот (6-ти мај), за време на посетата во Анкара. „Судскиот случај за затворање на Партијата на правдата и развојот (АКП) треба да се реши во согласност со демократските принципи и владеењето на законот, тоа е важно“, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен.

Помеѓу учесниците беа и тројката на ЕУ -- која ја сочинуваат сегашниот претседавач со Унијата, Словенија, следниот претседавач Франција и Европската комисија -- официјални претставници на ЕУ и турски водачи.

Клучниот состанок се одржа во клучен момент за домашната политика на Турција, при што владејачката партија АКП, со исламистички корени, се соочува со случај против неа за наводно поткопување на секуларниот поредок на земјата.

АКП се олади кон ЕУ по својата изборна победа минатиот јули. Но, со случајот на затворање, владата на АКП уште еднаш се сврте кон Европа, и минатиот месец го претстави долгоочекуваниот амандман на контроверзниот закон, со кој се пенализира „навредата на турската припадност“. Рен ја поздрави реформата на членот 301 од Кривичниот законик, како и новата легислатива за подобрени имотни права за немуслиманските заедници. Сепак, уште еднаш, тој ја истакна потребата за спроведување на измените во практиката.

Една од главните теми на состанокот беше прекумерната употреба на сила од страна на полицијата на митингот за Први мај во центарот на Истанбул. Полицијата употреби водени топови и солзавец минатата недела, уапсувајќи повеќе од 500 лица. Од 1980 година митинзите на синдикатите се забранети на плоштадот, кој беше место на крвав судир со полицијата во 1977 година.

„Ние во комисијата ја осудуваме оваа несразмерна употреба на сила на Први мај, минатата недела“, рече Рен, додавајќи дека ЕУ очекува истрага.

Рен, исто така, ја повика Турција да продолжи со реформите во своето судство за да ја загарантира неговата независност. Тој ја истакна потребата за формирање канцеларија на народен правобранител, за која тој вели дека ќе помогне да се намали тензијата во актуелната дебата околу секуларизмот.

Актуелниот претседавач на ЕУ, Словенија, ја пренесе подготвеноста на Унијата за отворање на уште две нови поглавја во разговорите за пристап на Турција. Овие поглавја ќе бидат за Законот на интелектуална сопственост и Законот за трговски друштва, според турски извори.

Tурција започна разговори за пристап со ЕУ во 2005 година, но во изминатите три години отворени се само шест од вкупно 35 потребни поглавја. Неколкудецениското кипарско прашање и приговорите од страна на францускиот претседател Николас Саркози доведоа до одложување на отворањето на осум големи поглавја.

Но, францускиот државен секретар за европски прашања, Жан-Пјер Жује, во вторникот рече дека неговата земја нема да ги саботира разговорите за членство на Турција кога ќе го преземе претседателствувањето со ЕУ во јули. „Нема потреба за загриженост. Франција нема намера да го прекине тековниот преговарачки процес на Турција ... Француското претседателство ќе биде непристрасно, фер и објективно“, рече Жује.

Тој, сепак, додаде дека Турција треба да ги продолжи реформите првенствено за свој сопствен интерес, а не за членство во ЕУ.

Турскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан, рече дека „одржувањето на турските шанси на целосно членство во ЕУ е sine qua non“ (апсолутен предуслов) и дека неговата влада е решена да продолжи со потребните реформи.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading