07/05/2008
Oколу 80 отсто од српските државјани се очекува да имаат корист од одлуката на 17 европски земји во вторникот, да ги укинат визите за посетителите од оваа балканска земја.
(Вол стрит џрнал - 07/05/08; AФП, Ројтерс, ДПА, ББС, Еуроњус, Балкан инсајт, Бета, Б92 - 06/05/08)
![]() Заменик-претседателот на Европската комисија, задолжен за транспортната политика, Жак Баро, ќе разговара во Србија во среда (7-ми мај) за визните реформи. [Getty Images] |
Седумнаесет европски земји во вторникот (6-ти мај) издадоа заедничко соопштение во кое ја објавуваат својата одлука да се откажат од визните давачки за српските државјани, пет дена пред најклучните парламентарни избори од октомври 2000 година во оваа балканска земја.
„Ние одлучивме да ја искористиме целосно флексибилноста што ја овозможува Европската комисија (ЕК) и да им издадеме бесплатни визи на сите одделни апликанти за кои е тоа возможно“, се вели во соопштението на француското Министерство за надворешни работи.
Минатиот месец ЕК и Словенија, кои моментно претседаваат со ЕУ, ги повикаа членовите на блокот од 27 земји да го олеснат визниот режим за луѓето од земјите во Западен Балкан, вклучително и Србија, како чекор напред кон неговата целосна либерализација.
Од земјите што му понудија бесплатни визи на српскиот народ во вторникот, 16 се членки на ЕУ -- Австрија, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Литванија, Луксембург, Словачка, Словенија, Шпанија и Шведска -- и Норвешка, која не е членка на ЕУ.
Во нивната заедничка изјава овој потег се опишува како „сигнал дека ЕУ во целина сака да ги поддржи аспирациите на Србија кон Европа“.
ЕК верува дека мерката од вторникот може да биде од корист за 80 отсто од 7,5 милиони луѓе што живеат во оваа балканска земја.
Иако Србите можеа да патуваат насекаде пред балканските конфликти во 1990-тите, сегашната просечна месечна плата во земјата изнесува само 350 евра, поради што трошоците за виза за ЕУ не може да ги плати голем дел од населението. Многумина од младите гласачи се вели дека никогаш не патувале во странство.
„Во иднина, повеќето луѓе помлади од 25 години ќе можат да добијат бесплатни визи“, се вели во заедничкото соопштение.
Само еден ден пред земјите да ја соопштат својата одлука, претседателот на српскиот парламент, Оливер Дулиќ, изрази надеж дека другите земји од ЕУ ќе се приклучат на иницијативата. „Во овој момент, ЕУ сака да им покаже на српските државјани дека се добредојдени во ЕУ и дека Србија е добредојдена во ЕУ, и дека еден од најдобрите начини да се оствари ова е полека да се либерализира и на крајот нормализира визниот режим, и да се укинат визните барања за српските државјани“, белградски Б92 го цитираше во понеделникот.
Одлуката за укинување на визните давачки за српските патници уследи по потегот претходно оваа година за олеснување на визните ограничувања на Унијата за граѓаните на оваа балканска земја.
Ова беше објавено една недела откако прозападниот претседател на Србија Борис Тадиќ и вицепремиерот Божидар Ѓелиќ отпатуваа за Луксембург да го потпишат Договорот за стабилизација и асоцијација на нивната земја со ЕУ, што се смета за прв голем чекор кон членството во Унијата.
Српските националистички партии го осудија договорот, сметајќи дека истиот значи признавање на независноста на Косово. Тие се заканија дека ќе го поништат пактот по парламентарните избори на земјата в недела.
Според анкетите на јавното мислење пред клучното гласање, ултранационалистичката Српска радикална партија (СРС) има блага предност пред проевропската коалиција предводена од Тадиќ. Радикалите јасно ставија до знаење дека сакаат да градат поблиски врски со „вистинските пријатели“ на Србија, како што се Русија, како и Кина, Индија, арапските и африканските земји.
Различните истражувања, сепак, покажуваат дека 70 отсто од Србите ја поддржуваат интеграцијата во ЕУ.
Самата Србија „чукна на вратата на Европа“, ББС го цитираше портпаролот на ЕК, Фрисо Роскам-Абинг, во вторникот. „Она што го правиме сега е отворање на вратите на Европа со различни чекори за кои неодамна постигнавме согласност ... ние посакуваме да станат членка на големото европско семејство.“
Во меѓувреме, Жак Баро, привремен комесар на ЕУ за правда, слобода и безбедност, треба да пристигне во дводневна посета на Белград во среда, за да ја претстави „картата со насоки“ за разговорите што треба да водат до целосна либерализацијата на визниот режим на блокот за Србија.