01/05/2008
Српските прозападни партии би можеле да добијат блага предност на изборите на 11-ти мај, ако успеат да ги убедат неопределените гласачи дека предизборниот договор потпишан со ЕУ оваа недела нема влијание на статусот на Косово.
(Б92, AФП, ДПА, Балкан инсајт - 30/04/08)
![]() (Од лево) Српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, српскиот вицепремиер Божидар Ѓелиќ, српскиот претседател Борис Тадиќ и шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, присуствуваа на состанокот на ЕУ во Луксембург во вторникот (29-ти април). [Getty Images] |
Српските граѓани со големо мнозинство го поддржуваат потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) на нивната земја со ЕУ, според анкетата објавена во средата (30-ти април).
Белградската агенција Стратешки маркетинг испита 550 лица со право на глас еден ден пред српските прозападни официјални претставници да го потпишат клучниот договор во Луксембург во вторникот.
Шефот на агенцијата за испитување на јавното мислење, Срѓан Богосављевиќ, за новинарите изјави дека 70 отсто од испитаниците ја поддржале интеграцијата на Србија во ЕУ. Но, процентот малку паднал кога анкетарите ги потсетиле на противењето на некои партии на договорот, кој се смета како прв чекор на патот кон членството во ЕУ.
„Сепак, 66 отсто беа за потпишувањето на ДСА, додека 21 отсто беа против“, изјави Богосављевиќ за Балкан инсајт.
Истражувањето покажа дека сите поддржувачи на опозициската Либерално-демократска партија, 94 отсто од оние кои ја поддржуваат коалицијата „За европска Србија“, предводена од претседателот Борис Тадиќ и 81 отсто од оние кои ја поддржуваат коалицијата на Социјалистичката партија на Србија (СПС) на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ, го поддржуваат договорот.
Помеѓу националистите, 45 отсто од оние кои ја поддржуваат Демократската партија на Србија (ДСС) на премиерот Воислав Коштуница и нејзиниот коалициски партнер, Нова Србија (НС), и 41 отсто од оние кои се за ултранационалистичката Српска радикална партија (СРС) го поддржуваат ДСА.
„Кога ќе беа потсетени дека некои партии се противат на потпишувањето и дека ДСА треба да се потпише само ако ЕУ даде јасни гаранции дека Косово е дел од Србија ... бројот на поддржувачите на ДСС-НС кои го поддржуваат потпишувањето драстично паѓа“, белградско Б92 го цитираше Богосављевиќ. „Радикалите кои го поддржуваат потпишувањето ... паѓаат на 9 отсто, а поддршката на ДСС-НС паѓа од 45 на 39 отсто.“
Несогласувањето помеѓу камповите на Коштуница и Тадиќ во врска со српските односи со ЕУ ја паднаа нивната коалициска влада во март, и сега се закажани предвремени парламентарни избори за 11-ти мај.
Сметајќи дека ДСА значи српско признавање на независноста на Косово, Коштуница го отфрли како „законски ништовен и неважечки“. Националистичките партии се заканија дека ќе го поништат по изборите.
Но, аналитичарите велат дека ако прозападните партии може да ги убедат неопределените проевропски гласачи дека ДСА нема влијание врз статусот на Косово, можно е тие да победат на изборите.
Заклучувајќи дека договорот треба да ја намали збунетоста помеѓу гласачите во врска со српските односи со ЕУ по косовската независност, АФП ја цитира истражувачката на Стратешки маркетинг Светлана Логар: „Најголема забуна е предизвикана од состојбата на статус кво, и на ваков начин расчистувањето на ситуацијата е бескорисно“ за прозападните сили.
Неодамнешна анкета покажа дека Демократската партија на Тадиќ е веднаш зад СРС.
Богосављевиќ вели дека проевропската коалиција на Тадиќ би можела да освои најмалку 2 отсто повеќе гласови по потпишувањето на договорот со ЕУ, што може да й помогне во обезбедувањето мнозинство за новата влада.