Србија и ЕУ го потпишаа ДСА

30/04/2008

Србија и ЕУ потпишаа Договор за стабилизација и асоцијација во вторникот, но спроведувањето ќе се случи дури откако Србија ќе постигне целосна соработка со МКТЈ. ЕУ го забрза потпишувањето на договорот со Србија за да ги засили изгледите на прозападните партии пред изборите на 11-ти мај.

Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 30/04/08

photo

Српскиот вицепремиер и главен преговарач, Божидар Дјелиќ (лево), српскиот претседател Борис Тадиќ (во средината) и шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, присуствуваа на состанокот на Советот на ЕУ за општи прашања и надворешни односи во вторникот во Луксембург. [Getty Images]

Високи српски претставници и претставници на ЕУ го потпишаа Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА), прв чекор на западнобалканските земји кон целосна интеграција во ЕУ, во вторникот (29-ти април) во Луксембург. Ратификацијата ќе се случи дури откако Министерскиот совет на ЕУ ќе потврди дека Србија целосно соработува со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Трибуналот сака Србија да екстрадира уште четворица обвинети, меѓу кои и воениот командант на босанските Срби Ратко Младиќ и воениот водач на босанските Срби Радован Караџиќ.

Пактот го потпишаа српскиот вицепремиер Божидар Ѓелиќ, комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, и 27 министри за надворешни работи на ЕУ. Српскиот претседател Борис Тадиќ и шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, присуствуваа на церемонијата.

Рен рече дека потпишувањето испраќа јасен сигнал до сите Срби дека имаат иднина во Европа. Тој го нарече потпишувањето на ДСА пресвртница во односите помеѓу Србија и ЕУ.

Солана рече дека ЕУ ќе биде нецелосна без земјите од Западен Балкан. „[EУ] е вашиот дом. Тука припаѓате“, рече тој.

Тадиќ изрази надеж дека Србија ќе стане кандидат за членство во ЕУ до крајот на годинава, што ќе й даде на земјата пристап до повеќе финансиски средства од буџетот на Унијата. Тој, исто така, ги отфрли обвинувањата дека потпишувањето на ДСА значи признавање на независноста на Косово.

„Србија има право и обврска да го брани својот интегритет и идентитет, и тука првенствено зборувам за Косово и Метохија. Во истовреме, Србија има право да ја бара својата европска иднина“, рече Тадиќ. Тој вети дека државата ќе ги исполни сите обврски кон МКТЈ, и покрај значителната разочараност во врска со ослободувањето на поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово, Рамуш Харадинај, кој беше ослободен претходно овој месец од обвиненијата за злосторства против Србите и етничките албански соработници.

Сепак, српскиот премиер Воислав Коштуница и официјалните претставници на Српската радикална партија се откажаа од потпишувањето, тврдејќи дека тоа значи прифаќање на независноста на Косово. Коштуница го опиша како „неуставен и антидржавен чин“, кој не ја обврзува Србија.

„Никогаш нема да му дозволиме никому да ја потврди независноста на Косово во име на Србија, и затоа потписот на Тадиќ е апсолутно безначаен“, рече Коштуница.

Но, Рен ја отфрли секоја поврзаност на ДСА со статусот на Косово. Тој истакна дека договорот посочува дека Косово е под администрација на ОН, што значи дека е „неутрален“ во врска со прашањето на статусот на Косово. Сепак, Косово до сега е признаено од 18 членки на ЕУ.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading