25/04/2008
Иако македонскиот народен правобранител прими голем број жалби во 2007 година, земјата сé уште нема дефинирани закони против дискриминацијата.
Од Марина Стојановска за Southeast European Times во Скопје --25/04/08
![]() Законите за заштита на човековите права и соодветна застапеност на малцинствата и борба против дискриминацијата се сé уште во подготовка во Македонија. [Getty Images] |
Годишниот Извештај на народниот правобранител за 2007 година во Македонија покажува дека канцеларијата примила вкупно 4.068 жалби. Народниот правобранител Иџет Мемети заклучи дека нема прекршувања во 2.476 случаи, но кршења на човековите права се случиле во други 913 случаи. Мемети вели дека Македонија сé уште нема дефинирана рамка за закони против дискриминацијата, на кои се работи веќе три години. Тој, исто така, истакна дека постигнувањето на правична застапеност на етничките малцинства и заштитата на нивните права во државните претпријатија и понатаму оди тешко.
„Минатата година канцеларијата на народниот правобранител примаше жалби претежно за должината на судските процеси. Од вкупниот број жалби, 824 се однесуваа на судството, 365 беа поврзани со вработувањето и 347 беа поврзани со третманот на полицијата“, рече Мемети.
„За жал, оваа година покажа дека Македонија има сé уште нереформирана, неефикасна јавна администрација и неефикасно и интертно судство. Полициските сили честопати ги пречекорувале овластувањата, додека затворите немаат прифатливи услови и соодветна здравствена грижа за затворениците“, додаде тој.
Тој истакна дека јавниот обвинител прифатил три кривични жалби поднесени од страна на народниот правобранител против полицајци кои ги надминале своите овластувања.
Покрај ова, приватизацијата во Македонија не ги исполни очекувањата, ниту пак социјалните служби, како што покажува недоволниот број закони против злоупотребата на деца.
Во извештајот на народниот правобранител за 2007 година, Мемети ја истакнува потребата за постојано следење од страна на агенциите на она во надлежност на неговата канцеларија.
„Завршувањето на реформите во јавната администрација во Македонија е од голема важност кога станува збор за судството и донесувањето одлуки на Европскиот суд за човекови права“, заклучува тој.
Оваа година македонската канцеларија на народниот правобранител прославува 10-годишнина. Иако канцеларијата беше воспоставена со уставот од 1991 година, истата започна да работи дури во 1997 година, а го поднесе својот прв извештај во 1998 година. Амандманите на уставот од 2001 година го овластија народниот правобранител да ја надгледува правичната застапеност на етничките малцинства на работните места, како и распоредувањето на другите задачи и обврски на позицијата. Мемети, поранешен министер за правда, го наследи Бранко Наумовски, првиот народен правобранител, во 2005 година.