25/04/2008
Србија се чини дека се движи кон нерешени резултати од парламентарните избори во мај, според истражувањето објавено во четвртокот, кое покажа и дека радикалите во земјата водат пред своите прозападни демократи.
(Блиц - 25/04/08; AП, АФП, ДПА, АКИ, Балкан инсајт, Б92 - 24/04/08)
![]() Набљудувачите сметаат дека изборите во мај се избор помеѓу остварувањето потесни врски со ЕУ, за кои се застапува претседателот Борис Тадиќ, или прифаќањето на Русија. [Getty Images] |
Ултранационалистичката партија е пред прозападните демократи во предвечерјето на српските предвремени парламентарни избори на 11-ти мај, но мала е веројатноста таа да освои директно мнозинство, според анкетата објавена во четвртокот (24-ти април).
Според оваа анкета на 2.732 испитаници, спроведена од страна на Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСИД) помеѓу 14-ти и 20-ти април, Српската радикална партија (СРС) би победила хипотетички минатата недела, пред проевропскиот блок предводен од Демократската партија (ДС) на претседателот Борис Тадиќ.
Иако анкетарите на ЦЕСИД не дадоа ниту проценти, ниту можноста за грешка, меѓународните новински агенции сметаат дека овие резултати значат 36,5 отсто поддршка на гласачите од СРС и 33,5 отсто поддршка за ДС.
Народната коалиција, предводена од Демократската партија на Србија (ДСС) на премиерот во заминување, би била на далечното трето место со 12,5 отсто од гласовите.
Две други партии -- Либерално-демократската партија (ЛДП) на Чедомир Јовановиќ и Социјалистичката партија на Србија (СПС) на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ -- најверојатно ќе го поминат прагот од 5 отсто потребен за места во парламентот.
Анкетарите веруваат дека помеѓу 4,3 и 4,7 милиони од сите 6.723.762 регистрирани гласачи ќе гласаат на 11-ти мај. Тие, исто така, истакнаа дека процентот на српски гласачи што имаат право на глас, а редовно не излегуваат на гласање е сличен со оној во другите земји и изнесува од 12 до 13%.
Владата распиша предвремени избори минатиот месец по големиот конфликт во владејачката коалиција -- на сé понационалистичката ДСС на Коштуница и прозападната ДС и Г17 Плус. Тие не можеа да постигнат согласност околу понатамошната интеграција на Србија во ЕУ, откако мнозинството од нејзините земји-членки ја признаа прогласената независност од страна на Косово.
Српските гласачи се „екстремно поларизирани“, рече анкетарот Среќко Михајловиќ за АП, сигнализирајќи дека односите на земјата со ЕУ се главна причина за тоа.
Набљудувачите со ова сметаат дека изборите во мај претставуваат избор помеѓу остварувањето поблиски врски со ЕУ, за што се залага Тадиќ, или прифаќањето на Русија, како што претпочитува СРС.
Но, бидејќи ниту СРС, ниту ДС, нема шанси да освојат директно мнозинство по изборите следниот месец, без оглед која партија ќе раководи со мнозинството ќе мора да привлече коалициски партнери, при што Коштуница и социјалистите се сметаат за најверојатен избор.
Ова ќе го направи водачот на ДСС повторно главен играч, честа улога за него во последно време.
Со оглед на континуираните расправии помеѓу ДС и ДСС, аналитичарите сметаат дека е мала веројатноста за нова коалиција Тадиќ-Коштуница. Нивното најверојатно сценарио е ДСС да се здружи со СРС, при што СПС најверојатно ќе биде најмалиот коалициски партнер.
Таквиот сојуз би можел да има 138 места во новиот парламент од 250 места, според ДПА.
Ако не се формира влада, тоа ќе доведе до нови избори и ќе го продолжи политичкиот ќор-сокак, наштетувајќи й на српската економија. Тоа ќе го направи потешко, ако не и невозможно, преземањето конкретни чекори кон интеграцијата во ЕУ.
Западот, загрижен дека земјата може да се втурне во ултранационализам или да влезе во стагнација, бара да се одржи надежта за европската иднина за Србија. Сепак, овие уверувања се избалансирани со континуираното инсистирање дека Белград мора да ги екстрадира обвинетите за воени злосторства во бегство, меѓу кои и поранешниот генерал на босанските Срби, Ратко Младиќ.
Во четвртокот министерот за надворешни работи на Холандија -- која упорно инсистира на екстрадициите како предуслов за понатамошниот напредок кон интеграцијата -- посочи дека неговата земја можеби ќе покаже флексибилност за прашањето.
„Сакаме јасно да ставиме до знаење дека немаме ништо против Србија“, им рече министерот за надворешни работи, Максим Верхоген, на пратениците, тврдејќи дека евентуалната победа на српската екстремна десница ќе ја намалат уште повеќе веројатноста Младиќ да се соочи со правдата. „Сакам да побарам креативно решение на оваа дилема.“