24/04/2008
На состанокот со официјалните претставници во Приштина, словачкиот министер за надворешни работи, Јан Кубис, изрази желба за партнерство со Косово, но повлече линија за признавањето на неговата независност.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина – 24/04/08
![]() Словачкиот министер за надворешни работи, Јан Кубис (лево), и косовскиот претседател Фатмир Сејдиу на прес-конференцијата во вторникот (22-ри април) во Приштина. [Getty Images] |
Словачка му понуди партерство на Косово, но и понатаму се спротивставува на нејзиното еднострано прогласување независност. Ова беше пораката што високиот словачки допломат ја донесе во Приштина во вторникот (22-ри април), 64 дена откако Косово прогласи сувереност.
„Разговаравме за соработката помеѓу двете земји и потврдивме дека Словачка сака да биде партнер со Косово“, рече словачкиот министер за надворешни работи Јан Кубис, по состанокот со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу.
„Ставот на нашата земја останува непроменет“, рече Кубис. „Решението за конечниот статус на Косово не дојде од Советот за безбедност на ОН, како што бараше Словачка. Но, тоа не влијае на нас во рефлектирањето на новата реалност, и затоа јас сум тука да го потврдам нашето партнерство, и да ви дадам до знаење дека ние имаме намера да му помогнеме на Косово во областа на економијата, како и во другите аспекти.“
Тој додаде дека Словачка „моментно ја следи безбедноста што Косово й ја нуди на својата српска заедница“.
Вицепремиерот Хајредин Куци рече дека побарал признавање од Словачка на државноста на Косово и рече дека тој и Кубис разговарале за соработката помеѓу Косово и Словачка.
„Верувам дека партнерството е билатерално и подеднакво. Сегашното одбивање на Словачка да го признае Косово не претставува пречка во соработката“, рече Куци.
Словачка е помеѓу неколкуте членки на ЕУ -- меѓу кои се и Шпанија, Романија и Кипар -- кои одбија да го признаат независно Косово, во некои случаи поради загриженоста дека ќе се постави преседан за сепартатистичките движења. Сепак, високи претставици во Братислава не ја исфрлија можноста за призавање во иднина и Кубис постојано истакнува дека Косово не треба да се изолира.
Запрашан на прес-конференцијата во Приштина дали пристигнал во Косово или во Србија, Кубис одговори: „Јас сум во Косово“.
Тој додаде дека неговата земја е подготвена да учествува во Косово како дел од мисијата ЕУЛЕКС и КФОР.