24/04/2008
Со големо мнозинство во средата, членовите на Европскиот парламент го изгласаа извештајот за Македонија, во кој се повикуваат водачите на ЕУ да ја разгледаат можноста за одредување датум за разговорите за членство со владата.
(Еуроњус, СНA - 24/04/08; Блумберг, ЕУопсервер, Балкан инсајт, Макфакс, Европски парламент - 23/04/08)
![]() Мнозинството членови на Европскиот парламент го поддржаа извештајот во кој се повикуваат водачите на ЕУ да ја разгледаат можноста за отворање разговори за членство со Скопје пред крајот на оваа година. [EУ] |
Европскиот парламент (ЕП) во средата (23-ти април) усвои извештај во кој се повикува ЕУ да започне преговори за членство со Македонија пред крајот на оваа година ако земјата ги исполни предусловите.
Mакедонија чека датум за почеток на разговорите за пристап од декември 2005 година, кога влезе на листата на земји-кандидатки на Унијата, која ги вклучува и Хрватска и Турција.
Поздравувајќи го „значителниот напредок“ на Македонија оттогаш, Извештајот за напредокот на ЕП 2007 за Македонија ја повикува на спроведување на реформите потребни за ЕУ, вклучително и листата на осум стандарди што неодамна ги доби.
Документот, одобрен со 601 наспрема 52 гласови во законодавниот дом на ЕУ од 785 места во средата, изразува надеж дека исполнувањето на тие критериуми „ќе води кон отворање на преговорите за пристап пред крајот на 2008 година“.
Членовите на ЕП (МЕП) ги повикаа водачита на блокот да ја разгледаат можноста да дадат зелено светло за разговорите за влез на Македонија за време на нивниот самит во јуни.
Тие истакнаа дека 17-годишниот спор на Македонија со Грција во врска со името не треба да го попречи нејзиниот пристап.
Грција одбива да го признае својот северен сосед по неговото уставно име, Република Македонија, сметајќи дека тоа носи потенцијални територијални претензии кон нејзината северна покраина Македонија. Атина и понатаму ја нарекува оваа балканска земја поранешна југословенска република Македонија (ФИРОМ).
Иако двете земји ги интензивираа напорите за постигнување решение во последниве месеци, тија отфрлија голем број предлози за компромис на посредникот на ОН во нивните разговори, Метју Нимиц.
Претходно овој месец Грција ја блокираше поканата за влез на Македонија во НАТО. Атина, исто така, се закани дека ќе ја спречи Македонија да се доближи до членството во ЕУ додека не биде решен спорот околу името.
Европарламентарците „ги повикаа двете страни да ја искористат можноста за продолжување на преговорите веднаш ... и да постигнат компромисно решение“; се вели во извештајот од средата.
Европарламентарците, понатаму, ја повикаа македонската владејачка коалиција да се погрижи за фер и демократски парламентарни избори на 1-ви јуни. Тие изразија надеж дека гласањето нема да ги спречи подготовките на Скопје за отпочнување разговори за членство со ЕУ.
Во извештајот се поздравува напредокот што го постигнаа македонските власти во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор од 2001 година, кој се однесува на меѓуетничките односи во земјата, но се осудува „континуираната дискриминација на ромската заедница“.
Ставајќи акцент на добрососедските односи, европратениците ги повикаа властите да ги почитуваат барањата на ЕУ за „спречување на избивањето на ,говорот на омраза’, особено во медиумите, против соседните земји“.
Извештајот на ЕП ја поздравува „конструктивната позиција“ на Македонија за статусот на Косово и нејзината активна трговска соработка со најновата европска држава. Европарламентарците, исто така, повикаа на чекори за решавање на прашањето на македонско-косовската граница, во согласност со предлогот на поранешниот специјален претставник на ОН, Марти Ахтисари.