Советот за безбедност расправаше околу извештајот за Косово и се подели во врска со српските избори

23/04/2008

На затворената седница во понеделникот Советот за безбедност на ОН го разгледа извештајот за настаните во Косово по неговото прогласување независност на 17-ти февруари.

Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 23/04/08

photo

Српскиот претседател Борис Тадиќ имаше обраќање пред Советот за безбедност во понеделникот (21-ви април). [Getty Images]

Советот за безбедност на ОН во понеделникот (21-ви април) го разгледа извештајот на УНМИК за Косово. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, кој отпатува за Африка, ја пропушти седницата, на која српскиот претседател Борис Тадиќ и косовскиот премиер Хашим Тачи понудија различни ставови во врска со ситуацијата.

Извештајот го претстави шефот на УНМИК Јоаким Рикер, кој ги негираше шпекулациите дека ќе поднесе оставка. „Ќе продолжам да го спроведувам мандатот на УНМИК“, рече тој, додавајќи дека неговата мисија „нема да дозволи насилство, паралелни институции или непочитување на УНМИК“.

Рикер, исто така, ги истакна промените на терен и формирањето на косовските институции. Тој истакна дека парламентот го усвои уставот -- според кој УНМИК ќе ја пренесе власта на локалните институции од средината на јуни. Затоа, како што рече Рикер, УНМИК треба „да се прилагоди“ на новите околности.

Тој додаде дека ако й се дозволи на Србија да одржи локални избори во Косово на 11-ти мај, на што Приштина се противи, тоа нема да ги подобри српско-албанските односи.

Српскиот претседател Борис Тадиќ, пак, инсистираше на одржување на овие избори и гарантирање „дека граѓаните насекаде во Косово, каде што тие ја признаваат Република Србија како своја држава, може демократски да ги избираат своите општински и парламентарни претставници“.

Тој, исто така, го критикуваше УНМИК дека не реагирал поостро на косовското прогласување независност и дека дозволил спроведување на планот за Косово на поранешниот претставник на ОН, Марти Ахтисари,

иако Советот за безбедност никогаш не го усвои. Тој додаде дека Србија се противи на планираното преземање на улогата на УНМИК од страна на мисијата на ЕУ, ЕУЛЕКС, бидејќи Унијата не добила дозвола од Советот за безбедност. „Советот за безбедност на ОН е единствената институција која може да донесе законски важечка одлука“, рече Тадиќ.

Косовскиот премиер Хашим Тачи имаше свое обраќање на состанокот. Тој му кажа на Советот дека Косово целосно ќе се придржува на планот на Ахтисари, особено во врска со малцинските права.

Тачи, исто така, рече дека и по независноста остануваат проблемите, како што се невработеноста и потребата од странски инвестиции. „Независноста на Косово е контроверзна, првенствено поради силниот отпор на ... Србија. И понатаму му подаваме рака на Белград ... бидејќи постои итна потреба за соработка на различни нивоа“, рече тој.

Американскиот и британскиот амбасадор во ОН потоа ја повикаа Србија да го преиспита одржувањето избори во Косово. „Русија и Србија и понатаму одбиваат да ја прифатат реалноста за независноста на Косово“, рече британскиот амбасадор Џон Соерс.

Рускиот амбасадор, Витали Чуркин, пак, изјави дека „Србите имаат право да спроведат парламентарни и општински избори кога тие ќе сметаат дека треба“.

Американскиот амбасадор Залмај Калилзад рече дека таквите избори во Косово би имале „незаконски“ исход.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading