EУ сака да го потпише пактот со Србија пред изборите во мај

22/04/2008

Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, во понеделникот посочи дека Брисел сака да го потпише клучниот договор со Србија пред изборите во земјата во мај, но српскиот премиер Воислав Коштуница го повтори своето противење.

(Блиц, Б92 - 22/04/08; Ројтерс, ДПА, Балкан инсајт, Бета, Б92, српска влада - 21/04/08)

photo

„Очигледно дека не е во национален интерес на Србија да потпише договор кој утре ќе биде толкуван како српско потпишување на независноста на Косово“, рече премиерот Воислав Коштуница. [Getty Images]

ЕУ планира да потпише предпристапен пакт со Србија пред изборите на 11-ти мај, со цел да го задржи напредокот на земјата кон членството во Унијата, рече во понеделникот (21-ви април) висок бриселски официјален претставник.

„Не сакаме Србија да се откаже од европска интеграција“, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, за германскиот весник Дие Велт. „Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) ќе биде силен сигнал дека Европската унија е посветена на европската иднина на Србија.“

Договорот, кој носи економски и трговски бенефиции за земјите што се надеваат на пристап во блокот, ќе ја доближи Србија до официјално признавање на нејзината кандидатура, и потоа разговори за членство.

По потпишувањето на ДСА минатиот ноември од двете страни, претставниците на ЕУ му рекоа на Белград дека целосната соработка со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) останува клучна.

Хашкиот суд врши притисок врз Србија да ги предаде четворицата бегалци, вклучително и поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ и неговиот воен командант, Ратко Младиќ.

Сепак, повеќето членки на ЕУ се залагаат на Србија да й се понуди ДСА пред мајските избори, со цел да се зајакнат проевропските сили и да се спречат националистичките партии, кои го користат незадоволството од независноста на Косово, да победат. Предвремените парламентарни избори беа свикани откако коалициската влада падна минатиот месец. Истата се подели околу тоа дали Србија треба да се заложи за поблиски врски со ЕУ по признавањето на независноста на Косово од страна на повеќето членки на ЕУ.

Неодамнешното истражување покажа дека престојните избори ќе бидат тесна трка. Демократската партија (ДС) на претседателот Борис Тадиќ и ултранационалистичката Српска радикална партија (СРС) на анкетата добија по околу 35 отсто од гласовите.

ДС го поддржува потпишувањето на ДСА, додека СРС и другите националистички партии, вклучително и Демократската партија на Србија на премиерот во заминување Воислав Коштуница, сметаат дека потпишувањето е еднакво на признавање на независноста на Косово.

Имајќи го предвид ова, двете страни е можно да го потпишат договорот уште на 29-ти април, за време на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

Сепак, Белгија и Холандија практично се спротивставија на потпишувањето на ДСА сé додека бегалците се на слобода.

Цитирајќи извори во Брисел, Ројтерс во понеделникот посочи дека Холандија може да прифати потпишување на договорот сега, ако крајното ратификување зависи од предавањето на овие лица подоцна.

Сепак, Коштуница го повтори своето противење, велејќи дека пактот ги поткопува српските интереси.

„Оли Рен го поддржува едностраното прогласување независност и го поддржува потпишувањето на договорот“, рече тој. „Очигледно е дека не е во српски ... интерес да потпише договор кој утре ќе биде толкуван како потпишување на Србија на независноста на Косово.“

Пред дводневната посета на Белград, комесарот на ЕУ за регионална помош, Данута Хебнер, во понеделникот предупреди дека без потпишувањето Србија ризикува да изгуби околу 1 милијарда евра помош што блокот ги одвои до 2013 година.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading