18/04/2008
Босанскиот манастир од 14 век во Фојница претставува споменик на историјата и верската толеранција во средновековна БиХ.
Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times во Сараево – 18/04/08
![]() Детал од збирката грбови на Фојница. [Јусуф Рамадановиќ] |
Фојница, мал, живописен град во централна Босна и Херцеговина (БиХ), е познат по својот Манастир на Светиот фрањевски дух, во кој е сместен важен дел од културното наследство на нацијата. Датумот на основање на манастирот не е познат, но историчарите се прилично сигурни дека тој датира од првата половина на 14-тиот век. „Фојница има црква и манастир уште од времето на босанските кралеви“, се вели во отоманските документи.
Помеѓу музејските збирки на манастирот се наоѓа Ахд-Намах (Редот) на султанот Мехмед II Освојувач, кој ја гарантирал безбедноста и слободата на фрањевците. Овој документ им овозможил на тогашните фрањевци слободно да проповедаат помеѓу католиците во БиХ, што од друга страна овозможило зачувување на босанскиот католицизам низ вековите.
Музејот, исто така, ја поседува Книгата на грбови, која датира од 1304 година -- најверојатно една од најстарите книги во регионот -- со историски грбови на некои балкански земји и тогаш познатите босански семејства. Изложена е и ретка нумизматичка колекција.
Манастирот моментно се реновира. Кустосот на манастирот, Мирко Мајданчиќ, вели дека во дворот на манастирот се планира да се направи таверна. Таверната ќе биде катче за музичарите и ќе служи само еколошка храна, како на пример: кисело млеко, џемови, сокови, различни домашни пити и слаткиот фојнички компир. Блиската земјоделска задруга произведува околу 20 тони компир годишно.
Покрај таверната и музејот, манастирот се гордее со библиотеката која содржи околу 50.000 наслови. Повеќето дела се филозофски и теолошки, печатени во периодот од 16-тиот до 19-тиот век. Архивата на библиотеката содржи повеќе од 3.000 документи од Отоманската империја, при што 13 од нив датираат од 1481 година.
Денес манастирот претставува украс и симбол на Фојница. Тој се смета за чувар на историјата на Фојница и заштитник на нејзината иднина.
Босанските фрањевци се многу ценети поради својот патриотизам во заедницата на босанските муслимани, која верува дека тие се нераскинлив дел од босанската средновековна и модерна државност. Фрањевците сакаат да кажуваат дека му се посветени на Господ и на Босна.