18/04/2008
Главниот обвинител на ОН за воени злосторства, Серж Брамерц, во четвртокот ја повика Србија да ја подобри својата соработка со Хашкиот трибунал и да ги интензивира напорите за апсење на четворицата преостанати обвинети во бегство.
(Б92 - 18/04/08; AП, АФП, Ројтерс, ДПА, АКИ, ББС, Еуопсервер, Балкан инсајт, Бета, Б92 - 17/04/08)
![]() Обвинителот на ОН за воени злосторства, Серж Брамерц (лево), во четвртокот (17-ти април) во Белград се состана со српскиот премиер Воислав Коштуница (десно). [Getty Images] |
Србија мора да ја подобри својата соработка со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), рече во четвртокот (17-ти април) главниот обвините на ОН за воени злосторства, Серж Брамерц, по пристигнувањето во дводневна посета на Белград.
„Јас особено инсистирав за потрагата и апсењето на четворицата преостанати бегалци“, рече белгискиот обвинител по разговорите со високи српски претставници.
Поранешниот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, и воениот командант Ратко Младиќ, обвинети за геноцид во врска со масакрот во Сребреница во 1995 година, се наоѓаат на врвот од листата на МКТЈ на обвинети за воени злосторства. Другите двајца се поранешниот полициски началник на босанските Срби, Стојан Жупљанин, и воениот водач на хрватските Срби, Горан Хаџиќ.
„Од суштинска важност е тие да бидат изведени пред лицето на правдата што е можно побргу“, им рече Брамерц на новинарите по состанокот со српскиот обвинител за воени злосторства, Владимир Вукчевиќ.
Обвинителот на ОН, исто така, се состана со прозападниот претседател Борис Тадиќ, националистичкиот премиер во заминување, Воислав Коштуница, и Расим Љајиќ, шефот на српскиот совет за соработка со МКТЈ.
Брамерц, исто така, разговараше за другите аспекти на српската соработка со Трибуналот, како што е пренесувањето на потребните документи, пристапот до државните архиви и истрагата на мрежите што им помагаат на бегалците.
Тадиќ му даде уверување на обвинителот на ОН, пренесувајќи ја „јасната решеност на Србија за сите оние што извршиле воени злосторства во поранешна Југославија да бидат судени во Хаг без оглед на етничкото потекло“.
Сепак, и тој и Коштуница ја искажаа лутината на Србија поради неодамнешното ослободување од страна на МКТЈ на поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај.
Тадиќ изрази надеж дека обвинителите на ОН ќе поднесат жалба на, како што го нарече Коштуница, „исмејувањето на правдата“.
Брамерц се согласи дека обвинителството на ОН не е задоволно, истакнувајќи дека неколку сведоци не се појавиле на суд.
„Мојата канцеларија моментно ја проучува пресудата на 300 страници [за] евентуална основа за жалба“, рече тој.
Пресудата за Харадинај ги поттикна националистите да бараат да нема повеќе предавања на обвинети на „пристрасниот, антисрпски“ суд.
Целосната соработка со МКТЈ не е само обврска за Србија како членка на ОН, тоа е исто така клучен услов за потпишување на нејзиниот Договор за стабилизација и асоцијација (ДСА) со ЕУ, во рамките на напорите за членство во ЕУ.
Поголем дел од 27-те членки на ЕУ велат дека ќе бидат подготвени да го потпишат договорот дури и ако преостанатите бегалци останат на слобода, сé додека Белград вложува максимални напори за нивно фаќање. Сепак, Холандија инсистира на тоа Србија да ги исполни своите обврски.
Портпаролката на МКТЈ, Олга Кавран, за новинарите изјави дека претставниците на ЕУ најверојатно ќе се состанат со Брамерц на разговори околу српската соработка. Тој ќе ја вклучи својата оценка во редовниот извештај до Советот за безбедност на ОН на средината од мај, пред личното претставување на истиот во јуни.