БиХ ја отстрани клучната пречка на патот кон пристапот во ЕУ

17/04/2008

Големиот договор на Босна и Херцеговина со ЕУ би можел да се финализира за неколку недели, откако законите за полициските реформи за кои Брисел се залагаше долго време, добија конечно одобрување од централниот парламент во средата.

(AФП, Ројтерс, АП, ДПА, АКИ, Балкан инсајт, Фена, Канцеларија на високиот претставник - 16/04/08)

photo

„Подобри денови се пред нас и, исто така, многу работа поврзана со потпишувањето на ДСА“, рече премиерот на БиХ, Никола Шпириќ. [AФП]

Горниот дом на државниот парламент на Босна и Херцеговина (БиХ) во средата (16-ти април) усвои два закони за полициски реформи, со што се отвори вратата за Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) на земјата со ЕУ.

Законот за надзорот на полицијата на БиХ и законот за координирање на полициските оддели и агенциите за поддршка беа одобрени со 10 наспрема 4 гласа во Домот на народите од 15 члена. Одобрението уследи една недела откако законите беа одобрени од долниот дом од 42 члена.

Пресвртот уследи по повеќе од три години разговори за полициската реорганизација во земјата, каде што секој од ентитетите -- Република Српска (РС) и Федерацијата на БиХ -- има своја сопствена полиција. Обидите за постигнување договор беа блокирани претежно од страна на партиите на босанските Срби кои стравуваат дека полициските реформи потребни за ЕУ на крајот ќе ја уништат РС.

На крајот тие го прифатија компромисниот договор што го понуди високиот претставник Мирослав Лајчак, кој предвидува создавање седум државни координативни тела што ќе ја имаат власта над етнички поделените полициски сили во земјата, во рок од една година по усвојувањето на уставните реформи.

Залагајќи се за поголема централизација на полицијата, владејачката Бошњачка партија за демократска акција и Српската демократска партија ја критикуваа легислативата, тврдејќи дека истата нуди само „козметички“ промени што нема да обезбедат сигурност во БиХ.

Иако одобрениот план се разликува од оригиналното барање на ЕУ за единствени полициски сили во земјата, Брисел сигнализираше дека ќе прифати каков било договор според кој полицијата ќе оперира професионално и ќе ги одбегне етничките предрасуди.

Официјалните претставници на ЕУ ги пофалија политичарите на БиХ во средата за отстранувањето на последната пречка за потпишувањето на ДСА, голем чекор напред кон членството во ЕУ. Договорот беше парафиран во декември, но Брисел рече дека ќе биде финализиран само по договорот за реструктуирање на полицијата.

Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, во средата рече дека договорот „не само што ќе биде од практична корист за трговијата“, туку и ќе ја доближи БиХ до кандидатскиот статус.

Карактеризирајќи го потегот од средата како „решавачки чекор“ за БиХ, шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, изрази надеж дека ДСА ќе може да се потпише „наскоро“.

Тоа би можело да се случи уште на 29-ти април, за време на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

„Ако има технички тешкотии, следниот датум за потпишување ќе биде 26-ти мај“, рече во средата словенечката амбасадорка во БиХ, Наташа Водусек, чија земја моментно претседава со ЕУ.

Ако се случат проблеми, финализирањето би можело да се случи за време на следниот состанок на 16-ти јуни на министрите за надворешни работи на ЕУ.

„Откако ќе застане на овој пат, ниту една земја не се случило да не стане членка на ЕУ“, рече Лајчак, поздравувајќи ја полициската реорганизација, која „испраќа силен сигнал до ЕУ и инвеститорите дека БиХ ... е отворена за бизнис“.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading