Уште еден мост во БиХ додаден на листата на светско наследство на УНЕСКО

16/04/2008

Мостот на Мехмет Паша Соколовиќ, кој се смета за архитектонско ремек-дело, е вклучен на листата минатиот месец.

Од Антонио Прленда за Southeast European Times во Сараево – 16/04/08

photo

Мостот на Мехмет Паша Соколовиќ. [УНЕСКО]

По додавањето на Стариот мост во Мостар на листата на светското наследство во 2005 година, УНЕСКО неодамна додаде уште еден отомански мост во Босна и Херцеговина (БиХ) на истакнатата група на светски споменици.

Мостот на Мехмед Паша Соколовиќ, кој се смета за ремек-дело на отоманската архитектура, беше изграден на крајот од 16-тиот век во источниот босански град Вишеград, каде што се протега на реката Дрина, историска граница со Србија.

Камениот мост е долг 179,5 метри и има 11 сводови. Истиот беше нарачан од големиот босански везир на отоманскиот султан, Мехмет Паша Соколовиќ. Проектиран од страна на Мимар Коца Синан (1489-1588), кој според широкото мислење е најдобриот архитект на Отоманската империја, мостот е еден од шесте што тој ги изградил и сé уште постојат.

На крајот од март, директорот на УНЕСКО, Коичиро Мацура, им го додели на властите во Сараево сертификатот за додавањето на мостот во регистарот на УНЕСКО.

„Неговата културна вредност ги преминува националните и културните граници“, рече Мацура.

Историјата го направи мостот балканска икона. Тој е најпознат како „карактер“ во книгата на нобеловецот Иво Андриќ од 1945 година „Мостот на Дрина“. Романот ги опишува односите помеѓу православните христијански Срби и муслиманите во Вишеград, за време на отомнаската окупација. Во книгата, мостот се протега не само над реката, туку и над верскиот јаз на градот, но на втората цел може да й служи само нецелосно.

Расправиите кои потекнуваат од поблиската историја го принудија Мацура да ја откаже планираната посета на Вишеград од безбедносни причини. За време на неговата посета на БиХ, Здружението на жените-жртви на војната, бошњачка група, постави плакат на мостот во знак на сеќавање на жртвите од конфликтот во БиХ. Локалните власти на босанските Срби го отстранија плакатот наредниот ден.

Во 1992 година екстремистите на босанските Срби извршија злосторства во Вишеград врз бошњачкото население на градот. Три илјади Бошњаци, вклучително и 121 дете, беа убиени, главно на самиот мост. По Дејтонскиот мировен договор, градот остана во Република Српска, со која управуваат босанските Срби.

На церемонијата по повод внесувањето на мостот на листата на светското наследство, претседавачот на претседателството на БиХ, Харис Силајџиќ, рече дека оние што го преживеаја конфликтот „ја заслужуваат нашата почит“.

Мостот на Мехмед Паша Соколовиќ останува извонредна туристичка атракција, како сведок на многу историски превирања. Истиот го задржува во голем дел својот оригинален изглед, иако неколку пати беше реновиран. Ворлд монјументс воч го стави на својата листа на 100 најзагрозени објекти во светот во 2006 година.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading