16/04/2008
Договорот што се очекува во Москва овој месец ќе ја внесе Грција во заедничката иницијатива за изградба на 900-километарскиот гасовод под Црното Море.
(Ројтерс, ИХТ, Portfolio.hu, Б92 - 15/4/08; Еу Јуроп, РИА Новости, Комерсант - 14/04/08; AП, АНА-МПA - 10/04/08)
![]() „Русија е многу голем енергетски играч и позитивните врски што ние моментно ги уживаме може да бидат само добра работа“, рече грчкиот министер за развој, Христос Фолиас. [Архива] |
По Бугарија и Србија претходно оваа година, Грција ќе стане третата балканска земја што ќе се приклучи на гасоводот Јужен тек, чија цел е транспорт на руски природен гас за Европа.
„Ние се согласивме да бидеме дел од проектот Јужен тек“, рече грчкиот министер за развој Христос Фолиас за Ројтерс во вторникот (15-ти април). „Сега разговараме околу техничките детали за формулирање на документ кој потоа ќе можеме да го потпишеме. Политичката волја на [двете страни] е ... дадена.“
Договорот за грчкото вклучување би можел да биде потпишан кон крајот на овој месец, за време на посетата на грчкиот премиер Костас Караманлис на Москва.
Според овој проект, заедничка иницијатива на Газпром, со седиште во Кремлин, и италијанскиот Ени, 900-километарскиот гасоцод ќе поминува под Црното Море, поврзувајќи ја Русија со Бугарија, а потоа ќе се дели на две гранки. Србија и Унгарија, кои исто така се согласија да се приклучат на проектот, ќе лежат на северната гранка, првично планирана да заврши во Австрија.
Поради проблемите со австриски ОМВ, Газпром се чини дека сега ја пренасочува таа гранка низ Словенија и кон северна Италија. Генералниот директор на претпријатието, Алексеј Милер, наводно ја обезбедил поддршката на словенечкиот претседател Данило Турк и премиерот Јанез Јанша минатата недела, за вклучување на нивната земја во проектот Јужен тек.
Грција ќе стане транзитна земја на јужната гранка на нафтоводот за Италија.
Јужен тек, проект вреден 10 милијарди евра, треба за завшри во 2013 година. истиот ќе пренесува 30 милијарди кубни метри руски природен гас до Европа годишно.
Русија веќе обезбедува повеќе од четвртина од потрошувачката на гас на ЕУ, поради што се зголеми загриженоста во врска со растечкото влијание на Москва на европскиот енергетски пазар.
Јужен тек се смета за конкуренција на долго време блокираниот гасовод на ЕУ Набуко, кој го поддржуваат Соединетите Држави. Истиот ќе пренесува годишно 30 милијарди кубни метри гас од Централна Азија и Каспиското Море до ЕУ преку Турција, Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија, покривајќи можеби 5 отсто од потребите на Европа.
Изјавата на министерот за развој Фолиас за Ројтерс дојде само неколку дена откако американскиот заменик помошник државен секретар, Метју Бриза, за новинарите во Атина минатата недела изјави дека тој и грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, „разговаравме за тоа колку е вежно да се стават на маса различни опции пред зголемената зависност од еден правец, од едно претпријатија што е веќе голем снабдувач“.
Во неговото интервју за Ројтерс, Фолиас се обиде да ја минимизира загриженоста, велејќи: „Русија е многу голем енергетски играч и позитивните врски што моментно ги уживаме можат да бидат само добра работа.“
Минатата година Грција и Бугарија постигнаа договор со Русија за изградба на нафтовод долг 285 километри, кој треба да пренесува руска нафта до Средоземното Море.