Србија ги игнорира приговорите на ОН за одржувањето локални избори во Косово

15/04/2008

Српската изборна комисија во понеделникот објави декрет во кој се наведува дека Белград планира да го игнорира противењето на УНМИК и да одржи локални избори во Косово.

(Б92 - 15/04/08; AП, Б92, Балкан инсајт, Javno.hr - 14/04/08; Балкан инсајт - 11/04/08; Ројтерс - 09/04/08)

photo

Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу (лево) и премиерот Хашим Тачи се спротивставија на одржувањето српски избори во Косово. [Getty Images]

Србија во понеделникот (14-ти април) јасно стави до знаење дека има намера да одржи локални избори во Косово следниот месец, и покрај предупредувањата дека гласањето ќе значи кршење на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и според тоа, ќе биде нелегално.

Шефот на УНМИК, Јоаким Рикер, инсистира на тоа дека само ОН имаат право да спроведуваат избори во Косово. Сепак, тој рече дека Србија може да помогне во организирањето локални избори оваа година под водство на ОН во општините со мнозинско српско население и потврди дека Белград има право да спроведува парламентарни избори во Косово.

„Локалните избори на Србија во Косово би биле нелегални, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН“, напиша тој во одговорот на писмото на српскиот министер за Косово, Слободан Самараџиќ, во кое беа откриени плановите на Белград за одржување избори во Косово. „Но, парламентарни избори може да се одржат.“

Српските локални и парламентарни избори ќе се одржат истовремено на 11-ти мај. Одлуката на српската изборна комисија, објавена во официјалниот службен весник на земјата во понеделникот, содржи инструкции за организирањето на локалните избори во Косово, кое прогласи независност од Србија на 17-ти февруари. Во неа се наведени 16 општини, вклучително и Приштина, каде што ќе бидат формирани избирачки места за двете гласања.

Србија ја отфрла независноста на Косово, иако досега ја признаа триесеттина земја, вклучително и повеќето членки на ЕУ.

Несогласувањето помеѓу проевропските и националистичките партии во српската владејачка коалиција во врска со одговорот на косовското прогласување независност, доведоа до паѓање на владата минатиот месец и беа закажани предвремени избори.

Српскиот премиер Воислав Коштуница за белградскиот медиум Б92 во понеделникот изјави дека главната цел на одржувањето избори на Косово е „просто негово легитимизирање“ како дел од неговата земја, без оглед на тоа што сака УНМИК.

Самарџиќ, кој е член на Демократската партија на Србија на Коштуница, во меѓувреме, го повика шефот на УНМИК да распише локални избори во Косово, кои ќе бидат организирани од српските власти. „УНМИК не може да организира и одржи локални избори за Србите во Косово поради тоа што минатото лето Рикер воведе амандмани на изборните регулативи... [со што ја прекрши] Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност“, владата ја цитираше изјавата на Самарџиќ.

Заложбите на Белград за одржување локални избори на Косово наидоа на критики кај албанските водачи во Приштина. Гледајќи во истите обид за ширење нестабилност во најновата држава во Европа, тие го повикаа УНМИК да го спречи гласањето.

„Независно Косово е една изборна зона за сите граѓани“, рече претседателот Фатмир Сејдиу. „Одговорност на УНМИК е да даде подобар одговор на ваквите иницијативи, кои имаат за цел дестабилизација на Косово и негова деинституционализација во практиката.“

Со оглед на тоа што ќе биде тешко за УНМИК и КФОР да ги спречат косовските Срби да гласаат на локалните избори, меѓународните претставници посочуваат дека ако се случи тоа, резултатите од изборите нема да бидат признаени.

УНМИК „не доби никаков одговор на писмото испратено од г-дин Рикер до белградските власти ... но, ако во Косово се одржат локални избори, тогаш е евидентно дека тие ќе се сметаат за нелегални“, Балкан инсајт го цитираше Свен Линдхолм, портпарол на мисијата на ОН.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading