14/04/2008
Политичката нестабилност и расправии помеѓу партнерите во владејачката коалиција би можеле да ја чинат Србија три странски претпријатија, вредни околу 2 милијарди евра.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 14/04/08
![]() Расправијата помеѓу Демократската партија на претседателот Борис Тадиќ (десно) и Демократската партија на Србија на премиерот Воислав Коштуница, претставува закана за големите странски инвестиции во земјата. [Getty Images] |
По минатомесечното паѓање на српската влада и одлуката за одржување вонредни избори во мај, земјата влезе во период на политичка нестабилност, кој би можел да ја чини нејзината економија најмалку 2 милијарди евра во странските инвестиции.
Демократската партија на претседателот Борис Тадиќ и Демократската партија на Србија на премиерот Воислав Коштуница, поранешни партнери во владејачката коалиција, ги загрозија големите странски инвестиции во предизборната кампања.
Најпрво, договорот за гас со Русија, со кој ќе беа вложени 900 милиони евра само во српската нафтена индустрија, беше одложен. Договорот, исто така, би ја загарантирал стабилноста на дотурот на гас.
Потоа, изградбата на автопатот Хоргос-Пожега од страна на австриските претпријатија ПОРР и Алпина, беше одложена. Конечната вредност на автопатот се проценува на 1,7 милијарди евра. Изградбата беше одложена поради неспособноста на концесионерот да ги договори финансиските услови со Дојче банк.
Одложувањето на двете инвестиции доведе до вжештена, јавна дебата помеѓу партиите на Коштуница и Тадиќ. Министрите на Коштуница ги обвинија демократите дека ги крадат проектите во надеж дека ќе доминираат во новата влада и потоа си ги присвојуваат заслугите за истите.
Министрите на Тадиќ, од друга страна, го обвинија Коштуница за наводно искористување на инвестициите за политички цели. На крајот, беше одлучено новиот парламент да гласа за договорот за руски гас, додека австриските фирми ќе имаат рок до крајот на оваа година да обезбедат пари за изградба на автопатот.
Третата голема инвестиција што ја загрози кампањата е тендерот за рудникот за бакар и комплексот на топилницата РТБ Бор, кој австриското претпријатие А-Тек планираше да ги купи за околу 300 милиони евра. А-Тек не ја плати сумата со договорениот краен рок, така што владата одлучи да отпочне преговори со второрангираниот понудувач, СМР, претпријатие во сопственост на рускиот бизнисмен Олег Дерипаска. А-Тек рече дека не можела да ја обезбеди целата сума бидејќи нејзиниот позајмувач, Дојче банк, се повлекла од учество во Србија. Банката ги негираше обвинувањата.
Економистот Стојан Стаменковиќ рече дека прекинот на странските инвестиции е резултат на политичката нестабилност и се заканува на економскиот раст.
„Кредиторите и инвеститорите, особено странските, го чекаат решението од замрсената ситуација што се создаде со отцепувањето на Косово и неговото влијание врз економската ориентација на Србија по изборите на 11-ти мај“, рече тој.
Оваа година Србија очекува да види околу 1,3 милијарди евра во вид на странски инвестиции. Минатата година истите достигнаа околу 2 милијарди евра. Економистите предупредуваат дека недостатокот на инвестиции ќе го попречи економскиот раст и создавањето работни места, бидејќи локалниот капитал е недоволен.