Извештај: Бугарскиот шверц со дрога ги финансира главните терористички групи

10/04/2008

Бугарска парламентарна комисија во средата усвои извештај во кој се посочува дека дел од финансиите за операциите на терористичките групи како што се Хезболах и Исламски џихад дошле од шверцот со дрога низ Бугарија.

(Tајмс, ФТ - 10/04/08; Ројтерс, АП, ДПА, Балкан инсајт, СНА, Дневник, Медиапул - 09/04/08; Ројтерс, Медиапул - 08/04/08)

photo

Според извештајот, профитот од трговијата со наркотици во Бугарија се користи за финансирање на блискоисточните терористички групи како што се Хезболах и Исламски џихад. [Getty Images]

Дел од огромниот профит од трговијата со дрога преку Бугарија, завршил во рацете на терористичките групи со седиште на Блискиот Исток, според извештајот усвоен од страна на бугарската парламентарна комисија во средата (9-ти април).

Бугарските криминални синџири вклучени во шверцот со синтетички наркотици понекогаш се здружуваат со арапски државјани поврзани со терористичките организации, извлекувајќи значителен профит од шверцот низ територијата на оваа балканска земја, рекоа пратениците.

„Можеме да извлечеме заклучок дека дел од парите стекнати од дрговијата со дрога се користат за финансирање на работата на терористичките организации како што се Хезболах, Исламски џихад и Христијанската милиција“, рече 27-члената парламентарна Комисија за внатрешна безбедност и јавен ред.

Хезболах е шиитска герилска организација со седиште во Либан, додека Исламски џихад е палестинска милитантна група што оперира на палестинските територии, особено на Појасот Газа. Двете се наоѓаат на листата на ЕУ и САД на терористички организации.

Лоцирана на еден од главните правци на шверцот со дрога низ Балканот, Бугарија „е транзитна земја, како и производител на нелегални наркотици“, објави американскиот Стејт департмент во февруари.

Извештајот на парламентарната комисија се фокусира на производството и дистрибуцијата на синтетичка дрога и проблемите во напорите на бугарското Министерство за внатрешни работи. Врз основа на информациите на Државната агенција за безбедност, комисијата го истакна значителниот пад на бројот на лаборатории за амфетамин, затворени од страна на полицијата во 2006 и 2007 година. Агенциите за спроведување на законот затворија девет вакви објекти во 2004 година, а други четири во 2005 година. Овие бројки се намалија на само две во 2006 и само една минатата година.

Слично на тоа, количеството на нелегална дрога запленета од страна на полицијата значително се намали -- паѓајќи од 1.018 килограми во 2005 на 169 килограми во 2007 година.

Пратениците овој пад му го препишаа на „алармантната практика“ на Министерството за внатрешни работи, на протекување доверливи информации до криминалците под истрага.

Тие се зафатија за ова прашање поради големиот скандал со сомнителните договори помеѓу сомнителни бизнисмени и високи функционери на министерството. Двајца полициски функционери се уапсени.

Исто така, се појавија сомневања дека министерот за внатрешни работи, Румен Петков, се состанувал со шефовите на подземјето, поради што дојде до повици за негова оставка или разрешување. Тој одби да даде оставка, а премиерот Сергеј Станишев го поддржа.

Минчо Спасов, претседател на парламентарната Комисија за внатрешни работи, во средата за новинарите изјави дека дејствата на Петков се за осуда. „На негово место, јас би поднел оставка“, рече тој.

Минатата недела опозициските партии во парламентот поднесоа пет иницијативи за недоверба против владата во врска со овој случај. Гласањето се очекува в петок.

ЕУ, која постојано ја критикува Бугарија за нејзината неефикасна кампања против организираниот криминал и корупцијата на високо ниво, оваа недела ја повика Софија да преземе итни дејства, особено по убиствата на две истакнати личности. Борислав Георгиев, директор на претпријатието за нуклеарна енергија, и Георги Стоев, автор на неколку книги за бугарската мафија, беа убиени во рок од 24 часа.

„Убиствата и понатаму продолжуваат на редовна база во текот на последниве неколку години и без успешно судско гонење“, рече портпаролот на Европската комисија (ЕК) Марк Греј. „Потребно е итно дејствување.“

Експертите на ЕУ треба да ја посетат Бугарија следниот месец, пред извештајот на ЕК во јули за напредокот на земјата во борбата против корупцијата на високо ниво и платените убиства.

Повеќе од 150 лица се убиени во убиствата на бандите во Бугарија од 2001 година досега, а ниту еден осомничен не е осуден.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading