09/04/2008
Полицијата во БиХ вели дека група осомничени лица, поврзани со вахабистичкото движење, планирала да ги подгрее етничките несогласувања, напаѓајќи католички цркви.
Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times во Сараево – 09/04/08
![]() Антитерористичките единици на Министерството за внатрешни работи на БиХ спроведоа две рации во последниве недели. [Getty Images] |
Полицијата во Босна и Херцеговина (БиХ) неодамна спроведе серија рации за апсење на осомничените терористи.
Во петокот (4-ти април) властите уапсија сé уште неидентификувано лице за наводни врски со тероризмот. Министерството за внатрешни работи објави дека осомничениот имал оружје и експлозиви за терористичка употреба.
Полицијата пребара уште две други локации во сараевските населби Седреник и Барице, каде што пронајдоа материјали што се користат за производство на експлозиви. Пронајдени беа и: мина, рачни гранати, муниција и други воени средства.
Ова беше втора антитерористичка рација во последниве недели која ја нареди обвинителот на БиХ. Во март беше спроведена голема операција во Сараево и во Бугојно.
Претходната рација резултираше со апсење на петмина осомничени за тероризам. Еден од нив на крајот беше ослободен поради недостаток на докази.
Министерството за внатрешни работи вели дека еден од овие петмина осомничени, Ријад Рустемпашиќ, бил водачот, а друг, Едис Велиќ, наводно се борел во Чеченија.
Полицијата претресе шест куќи за време на рациите во март, наоѓајќи големи количества оружје и воена опрема, антитенковски мини, ласерски направи, електронска опрема, изненадни мини, топографски карти, нацрти, прирачници за производство на експлозивни направи, детонатори и други предмети корисни за терористите.
Сите осомничени се поврзани со вахабистичкото движење во БиХ и се притворени за наводни врски со Мирсад Бекташевиќ, кој минатата година беше осуден на осум години затвор за вмешаност во подготвки на терористички дејства.
Едис Велиќ беше обвинет дека пукал на уличен продавач минатата година, додека Ријад Рустемпашиќ е наводно верен поддржувач на Јусуф Барчиќ, осомничен водач на вахабистичкото движење во БиХ, кој загина во сообраќајна несреќа минатата година.
Истрагата откри дека осомничените, наводно, ковале заговор за терористички дејства врз католичките цркви низ цела БиХ.
Акцијата на Министерството за внатрешни работи беше спроведена во соработка со Агенцијата за безбедност и разузнавање и Обвинителството на БиХ и уследи по неколкумесечна истрага и следење.