08/04/2008
Турската влада во понеделникот испрати предлог за омекнување на многу критикуваниот закон кој ја ограничуваше слободата на говорот.
(Заман, Турски дневни вести, Хуријет, Њу Анатолијан, Сабах - 08/04/08; AП, Блумберг, ДПA - 07/04/08)
![]() Според предлогот на АКП, идното судско гонење според членот 301 ќе бара дозвола од претседателот, рече владиниот портпарол Чемил Чичек. [Getty Images] |
Турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) во понеделникот (7-ми април) до парламентот поднесе предлог-закон за олеснување на сегашните ограничувања на слободата на говорот.
Предлогот содржи амандмани на контроверзниот член 301, според кој се одредува затворска казна од три години или помалку за навреда на „турската припадност“.
Обвинителите го користеа истиот за покренување обвинија против редица истакнати турски интелектуалци, меѓу кои и Орхан Памук, добитникот на Нобеловата награда за литература во 2006 година, Елиф Сафак, истакната писателка и Хрант Динк, етничкиот ерменски главен уредник на турско-ерменскиот весник Агос. Осуден за „навреда на турската припадност“ тој беше убиен во јануари 2007 година од страна на Турчин кој како мотив го наведе ова обвинение.
Иако повеќето судења според членот 301 завршија без пресуда за вина, ЕУ и меѓународните групи за човекови права долго време ја повикуваат Турција да го измени законот или целосно да го укине.
Предлогот беше поднесен до парламентот пред посетите на претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, и комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, подоцна оваа недела.
За судски процес според членот 301 ќе биде потребно одобрение од претседателот, наместо од министерот за правда или експертска комисија, како што претходно беше предвидено. Моментно ваквите случаи може да се поднесуваат директно во судовите.
„Главна идеја на АКП е да се бара дозвола од претседателот“, изјави за новинарите портпаролот на владата, Чемил Чичек.
Предлог-законот, исто така, предвидува замена на неразбирливиот израз „деградирање на турската припадност“ со „деградирање на турскиот народ“. Максималната казна ќе се намали на две години, со можност за ослободување на оние што во моментов се затворени според ова обвинение. Во Турција затворската казна помала од две години може да се укине додека прекршителот не го изврши повторно истото кривично дело.
Со оглед на своето чисто парламентарно мнозинство АКП би требало лесно да го усвои предлог-законот, дури и ако екстремнодесничарската Партија на националистичко движење (МХП) се спротивставува, како што вети, на какви било обвиненија според членот 301.
Сé уште не се знае кога пратениците ќе гласаат или дали критичарите на ЕУ, кои повикуваат на целосно поништување, ќе бидат задоволно со ревизиите.
АКП е критикувана во последниве месеци за забавување на темпото на реформите потребни за ЕУ.
„Членот 301 ... е еден од приоритетните области на кои треба да се посвети внимание“, весникот Tурски дневни вести цитираше официјален претставник од Генералниот секретаријат на ЕУ. „Но, тој не е единствен“, додаде анонимниот извор.
Листата на Брисел за работи што треба да се направат, наводно, вклучува итна ревизија на голем број други предлог-закони за проширување на слободата на говорот.
Министерот за надворешни работи, Али Бабаџан, во понеделникот рече дека Анкара ќе ги посочи своите реформски приоритети.
„Ние сме решени кога станува збор за прашањето на реформите“, изјави тој за новинарите. „Без оглед колку се тешки, ние веруваме дека реформите се важни за иднината на Турција“.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's