28/03/2008
Мировниците на ЕУФОР во четвртокот спроведоа рации во домовите на семејството на бегалецот обвинет за воени злосторства од босанските Срби, Радован Караџиќ, барајќи информации за тоа каде би можел да се наоѓа.
(Блиц - 28/03/08; AФП, Ројтерс, АП, ДПА, ББС, Балкан инсајт, ЕУФОР, Б92 - 27/03/08; Б92 - 26/03/08; Ројтерс - 07/03/08; ББС - 06/03/08)
![]() Мировниците на ЕУ спроведоа рации рано изутрина во домовите на сопругата и ќерката на Радован Караџиќ, како и во куќата на соседот. [Getty Images] |
Мировниците на ЕУ во Босна и Херцеговина (БиХ) во четвртокот (27-ми март) извршија рации во домовите на членовите на семејството и еден сосед на поранешниот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, во обид да најдат информации за тоа каде се наоѓа главниот бегалец осомничен за воени злосторства.
Операцијата започна пред зори со истовремени претреси во домовите на сопругата на бегалецот, Лилјана Зелен Караџиќ, ќерката Соња Караџиќ Јовичевиќ и Смиљка Попов, за која се верува дека припаѓа на мрежата поддржувачи што му помагаат на воениот водач да избега од правдата. Сите живеат во градот Пале, 16 километри југоисточно од Сараево.
„Целта на операцијата е пронаоѓање материјали и информации кои би можеле да му помогнат на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во тековната потрага по лицата обвинети за воени злосторства“, рече портпаролот на ЕУФОР Филип Трелоар. „Ние вршиме притисок врз мрежите за кои се верува дека се вклучени во заштитата на овие лица.“
За време на рациите, кои беа поддржани од силите на НАТО во БиХ, мировниците пронајдоа „предмети од интерес“ кои ќе бидат испитани, рече Трелоар. Полицијата на босанските Срби, исто така, обезбеди поддршка.
Претходно овој месец, локалните сили ги претресоа домовите на поранешните телохранители на Караџиќ, Небојша Чавкиќ и Влатко Лопатиќ, осомничени дека му помагале да го избегне апсењето. Помеѓу конфискуваните предмети беа компјутери, мобилни телефони и СМС картички.
Операцијата во четвртокот беше спроведена на барање на МКТЈ, кој го издаде своето првично заедничко обвинение против Караџиќ и поранешниот воен командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, во 1995 година.
Двајцата се обвинети за вмешаност во редица воени злосторства извршени за време на конфликтот во БиХ во периодот 1992-1995 година. Тие, исто така, се обвинети за геноцид во врска со масакрот во Сребреница во јули 1995 година на 8.000 мажи и момчиња од босанските муслимани, и 43-месечната опсада на Сараево, во која загинаа околу 11.000 луѓе.
Караџиќ е во бегство од 1996 година. Тој се смета дека се движи помеѓу Република Српска, Србија и Црна Гора.
За време на својата посета на БиХ на 7-ми март, Серж Брамерц, кој ја замени Карла дел Понте, како главен обвинител на ОН во јануари, повика на апсење на Караџиќ и Младиќ.
Тие се наоѓаат на врвот од листата на преостанатите осомничени по кои сé уште трага МКТЈ. Двајцата други се поранешниот шеф за безбедност на босанските Срби, Стојан Жупљанин, и Горан Хаџиќ, политички водач обвинет за воени злосторства извршени за време на конфликтот во Хрватска во периодот 1991-1995 година.
Дејствувајќи по добиената информација, српската полиција во средата изврши рација во една куќа во јужниот град Ниш, како дел од „сеопфатната потрага“ по Жупљанин, но не го уапси бегалецот. Властите веруваат дека тој бил информиран за операцијата.
Расим Љајиќ, шефот на српскиот совет за соработка со МКТЈ, и српскиот обвинител за воени злосторства, Владимир Вукчевиќ, потврдија дека трагите што се најдени за време на рацијата покажуваат оти Жупљанин бил таму.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's