27/03/2008
На олеснување на Бошњаците и меѓународната заедница, шефовите на двете најголеми бошњачки партии -- Сулејман Тихиќ од СДА и Харис Силајџиќ од СБиХ -- се помирија по неколкумесечни политичко расправии.
Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times во Сараевo – 27/03/08
![]() Сулејман Тихиќ (лево) и Харис Силајџиќ честопати доаѓаа во конфликт. [Архива] |
Двајцата клучни бошњачки водачи се помирија по неколкумесечни расправии, објави на 14-ти март сараевскиот весник Дневни аваз. Обновувањето на односите би можело да ја придвижи Босна и Херцеговина (БиХ) напред со полициските реформи, клучен услов на ЕУ.
Весникот објави дека ЕУ потврди оти претседавачот на ротирачкото претседателство на Босна и Херцеговина (БиХ) и претседател на Партијата за Босна и Херцеговина (СБиХ), Харис Силајџиќ, се состанал со својот коалициски партнер, поранешниот претседавач на ротирачкото претседателство и актуелен водач на Партијата за демократска акција (СДА), Сулејман Тихиќ. Весникот не кажува кога се одржал состанокот.
Високиот претставник Мирослав Лајчак претходно ги критикуваше бошњачките политичари за нивното јавно расправање, кое го опиша како „незрело“. Медиумите во земјата, исто така, објавија дека Бошњаците сé повеќе сметаа оти тие двајцата си ги ставаат своите сопствени ега пред интересите на бошњачката заедница, а камоли БиХ во целина.
Според Дневни аваз, двајцата се согласиле дека помеѓу двете најголеми бошњачки партии мора да се воспостават дијалог и доверба. На 10-ти март, според весникот, тие се состанале со опозицискиот бошачки водач, шефот на Социјалдемократската партија (СДП), Златко Лагумџија, на разговори за најразлични прашања.
Лагумџија се вели дека инсистирал на тоа сите идни енергетски градежни проекти да се третираат на државно ниво, а не на партиско. Тој, исто така, истакна дека истиот статус на државен проект треба да важи за приватизацијата на двата државни телекоми и изградбата на делот од автопатот на Коридорот Вц.
Тихиќ и Силајџиќ, од своја страна, го поддржаа принципиелно усвојувањето на законот за запленување на нелегално стекнатиот имот, кој официјално беше доставен до парламентот од СДП по четврти пат.
Сепак, она што највеќе ги зголемува надежите во бошњачката политичка заедница е тоа што сега се чини веројатно дека бошњачките политичари ќе заземат заеднички став за полициските и уставните реформи.
ЕУ го услови понатамошниот напредок кон пристапот со подобрувањето на лавиринтскиот полициски систем во земјата. Брисел вели дека сегашната структура е неефикасна и дозволува криминалците и шверцерите да избегаат само со преминување на линиите на ентитетите. Можностите за потпишување Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ постојано се одложуваат поради овој проблем.