26/03/2008
Новинарите повторно не се среќни со коментарите на претседателот Трајан Башеску, кој неодамна ги обвини дека се гласноговорници за намерата на медиумските магнати за негово клеветење.
Од Пол Чиочиу за Southeast European Times во Букурешт – 26/03/08
![]() Романскиот претседател Трајан Башеску вели дека тој и неговото семејство се на удар на медиумските конгломерати. [Getty Images] |
Претседателот Трајан Башеску на 14-ти март повторно ги нападна романските медиумски конгломерати кои, како што тој тврди, водат кампања против него.
Башеску рече дека медиумите се „сопруг и татко, а не претседател“ откако во еден извештај во весниците тој беше обвинет дека му биле простени долговите во една банка додека бил министер за транспорт.
Неговите критики упатени на адреса на медиумите, исто така, ги поттикнаа серијата неодамнешни извештаи во кои се исмејува неговата ќерка, Елена Башеску, новоназначениот генерален секретар на младинската организација на Либералдемократската партија, за јазичните лапсуси што ги прави за време на говорите.
Башеску подоцна ги образложи своите коментари, обвинувајќи ги медиумите за „џубокс практика, во кој ставате евра на почетокот од месецот и тие зборуваат на телевизија цел месец за да го задоволат својот претпоставен“.
„Тоа е практиката што јас ја нападнав“, рече тој, ветувајќи дека ќе одговори на сите „глупости“ насочени кон неговото семејство.
Романското здружение на новинари (АЈР) издаде соопштение за медиумите во кое бара од Башеску јавно извинување. Во него се предупредува дека ако претседателот одбие да го стори тоа на задоволителен начин, здружението ќе ја поддржи петицијата за официјално разјаснување, во кое ќе се истакне дека тој не мислел на новинарите од АЈР.
„Како лут татко, претседателот може да реагира во рамките на својата сопствена учтивост, но како претседател на земјата, тој не смее да заборави дека медиумите се дел од демократското наследство на Романија“, се вели во соопштението. „Претседателот мора да ги заштити новинарите.“
Романскиот клуб на новинари објави соопштение во кое се вели: „Печатот не прави индиго-копии. Башеску му должи дел од своето политичко издигање на печатот и тој најверојатно ја знае простата вистина: никој никогаш не ја добил војната против новинарите.“
Соопштението, исто така, повикува на рационализам и професионализам од страна на медиумите.
Богдан Теодореску, политички аналитичар, рече дека нападот на претседателот е „неморален, некоректен, но совршен во поглед на теоријата на комуникациите“. Тој додаде: „Единствен противник на Башеску на јавната сцена се медиумите“.
Од преземањето на функцијата, претседателот даде серија контроверзни забелешки во врска со сопствениците на медумските конгломерати и новинарите. Во мај 2007 година, се појави лента на која се слуша како тој нарекува еден телевизиски новинар „смрдлив Циган“. Коментарот предизвика обвинувања за расизам и сексизам.