25/03/2008
Новиот договор што му го предлагаат српските претставници на УНМИК предвидува создавање „функционална поделеност“ помеѓу Србите и Албанците во Косово. Планот веќе е отфрлен од Приштина, додека косовските Срби се поделени по однос на предлогот.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград -- 25/03/08
![]() Француските војници во КФОР патролираат на мостот што ја поврзува јужна и северна Митровица. Северниот дел од градот беше зафатен од немири на 17-ти март, кога локалните Срби ја нападнаа полицијата на УНМИК. [Getty Images] |
Србија официјално предложи поделба на Косово по етнички линии и побара од ОН да му загарантираат на Белград контрола над клучните институции и функции во областите каде што Србите се мнозинство.
Во документот испратен до ОН минатата недела -- и објавен од страна на српските и косовските медиуми во понеделникот (24-ти март) -- Белград инсистира на тоа да й биде дозволено на Србија да ја преземе одговорноста за полицијата, царината, правосудството и царината во и околу северна Митровица, како и во другите српски енклави.
Опишан како план за „функционална поделеност на Србите и косовските Албанци“ од страна на српскиот министер за Косово, Слободан Самарџиќ, предлогот е најблизу до отворен повик на Србија за поделба.
Договорот, кој го подготви Министерството за надворешни работи и Министерството за Косово, е дел од акциониот план на српската влада, активиран кога Косово прогласи независност.
Иако предлогот не е официјално обелоденет во јавноста, извештаите во медиумите во Белград и Приштина, не се демантирани ниту од српската влада, ниту, пак, од УНМИК.
Според овие извештаи, една од клучните одредби е српските полицајци во Косово да им одговараат на локалните српски власти и да служат под команда на полицијата на УНМИК, а не Косовската полициска служба.
Косовските Срби ќе имаат право „на решавање на нивните судски случаи, додека меѓународните судии на УНМИК ќе бидат надлежни за случаите кои се однесуваат на членовите на различни етничките заедници“.
Белград, исто така, наводно, предложил поголема соработка помеѓу Србија и УНМИК во голем број области, вклучително и полицијата, судството, царината, транспортот, контролата на граничните премини и заштитата на верското, историското и културното наследство. Планот повикува на развивање на слободна трговија помеѓу Косово и Србија, и ставање крај на сегашните царински процедури.
Како што и се очекуваше, владата во Приштина го отфрли планот. „Тој е продолжување на хегемонистичката власт и политика на Белград“, рече вицепремиерот Рам Манај.
Според Манај, УНМИК не може да прави договори со „една соседна земја“ за функционирањето на Косово, кое прогласи независност од Белград на 17-ти февруари.
Предлогот, исто така, предизвика несогласувања и помеѓу косовските Срби. Оние во северно Косово генерално го поддржуваат документот, додека оние кои живеат на југ од реката Ибар -- и се опколени од албански заедници -- го доведоа во прашање неговото спроведување во енклавите.
Претседателот на Српското движење на отпорот, Момчило Трајковиќ, од централно Косово, рече дека планот тешко ќе може да се спроведе на терен, освен ако Албанците не се согласат со истиот.
Горан Богдановиќ, косовски претставник на Демократската партија на српскиот претседател Борис Тадиќ, рече дека е „многу лошо“ тоа што косовските Срби дознале за планот од медиумите.
„Малку е проблем да се гледаат обидите за решавање на судбината на косовските Срби без ништо да не се прашаат оние што живеат во Косово, оние чии деца и семејства живеат таму“, рече Богдановиќ.
Поранешниот српски министер за надворешни работи, Горан Свилановиќ, кој честопати ја критикуваше српската влада околу косовската статегија, сега го поддржува планот. „Ова е интересен предлог, кој навистина ја отвора темата на поделбата, која не е територијална, туку персонализирана“, рече тој.