Договорот Христофиас-Талат го отвора патот за нови кипарски разговори

25/03/2008

Претставниците на кипарските Грци и кипарските Турци во понеделникот посочија дека е постигнат добар напредок во спроведувањето на елементите од договорот што нивните водачи го постигнаа минатата недела.

(Сајпрус мејл, Заман - 25/03/08; прес-центар на ОН, АП, АФП, Вашингтон тајмс, КНА, Њу Јуроп, Сајпрус мејл, Заман, Њу Анатолијан, Хуријет - 24/03/08; Ројтерс, АФП, ФТ, Њујорк тајмс - 22/03/08; AП, ДПА, ББС, ВОА, Кипарска прес и информативна канцеларија - 21/03/08)

photo

Кипарскиот претседател Деметрис Христофиас (лево) оствари разговори со водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат. [Getty Images]

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, во понеделникот (24-ти март) му честиташе на кипарскиот претседател Деметрис Христофиас и на водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат, за договорот што го постигнаа минатата недела за продолжување на разговорите за повторно обединување во текот на следните три месеци.

Договорот беше постигнат во петокот, за време на првите разговори во четири очи помеѓу двајцата водачи откако Христофиас победи на претседателските избори на 24-ти февруари.

За време на разговорите, Христофиас и Талат одлучија дека одреден број работни групи и технички комисии ќе бидат формирани „на најекспедитивен можен начин“ за да ги разработат деталите на договорот за повторно обединување. Двајцата водачи треба повторно да се состанат по три месеци, за да го разгледаат напредокот постигнат од страна на овие комисии и да „ги искористат нивните резултати, за отпочнување целосни преговори“ под покровителство на Бан, рече во петокот специјалниот претставник на ОН во Кипар, Мајкл Молер.

Советниците на Христофиас и Талат, Јоргос Јакову и Оздил Нами, кои имаа задача да ги формираат комисиите, се состанаа во понеделникот во резиденцијата на претставникот на ОН за да отпочнат со поставувањето на базата на идните преговори.

„Разговаравме околу прашањата со кои ќе се занимаваат комисиите“, изјави Јакову потоа. Истакнувајќи дека за време на разговорите е постигнат „голем напредок“, тој посочи дека договорот за називите на комисиите би можел да биде постигнат уште в среда. „Не е возможно да се определат агендите на овие 12 или 14 работни групи и технички комисии на еден состанок. Но, јас се надевам дека до крајот на неделава ќе дојдеме до тоа.“

Јакову и Нами се очекува да се состануваат скоро секој ден оваа недела, во обид да се формираат работните групи и техничките комисии пред пристигнувањето во недела на тимот за проценка на ОН, предводен од потсекретарот за политички прашања, Лин Паско.

Двете страни, исто така, се фокусираат на уште еден елемент од договорот во петокот помеѓу Христофиас и Талат, кој се однесува на повторното отворање на клучниот премин на улицата Ледра, главниот комерцијален пат во Никозија. Тој е главен симбол на 34-годишната поделеност на островот.

Градоначалниците на кипарски Грци и кипарските Турци на последниот поделен град во Европа, Елени Мавру и Џемал Метин Булутоглулари, во понеделникот се состанаа на разговори околу подготовките за отворање на преминот, кој е затворен од 1963 година. Двајцата рекоа дека се подготвени да ги преземат неопходните чекори откако ќе добијат зелено светло од Мировните сили на ОН во Кипар (УНФИКИП), кои мора најпрво да ја расчистат областа од евентуални неексплодирани мини.

„Чекаме ОН да ни дадат зелено светло и ќе донесеме одлука истиот ден“, рече Булутоглулари. „Ни требаат вкупно уште пет дена за да ја завршиме областа за градежни и безбедносни работи и, се надеваме, дека откако ќе добиеме дозвола, ќе започнеме заедно да си помагаме и ќе го завршиме до почетокот од месецот (април). Но, не го знаеме датумот“, додаде тој.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading