21/03/2008
Операциите на НАТО и проширувањето ќе бидат помеѓу главните точки на агендата на самитот на Алијансата во Букурешт, на почетокот од април.
(Nine O'clock, Балкан инсајт - 21/03/08; Ромпрес, НАТО Ривју, ББС, АП, АФП, Ројтерс, ВОА, Hotnews.ro, Ксинхуа - 20/03/08)
![]() [Getty Images] |
Романските власти во четвртокот (20-ти март) изразија надеж дека престојниот самит на НАТО во Букурешт ќе го придвижи за чекор напред придонесот на Алијансата во стабилноста и безбедноста, како и дека ќе „фрли позитивна светлина“ врз нивната земја.
„Гледам дека подготовките се движат во вистинската насока и дека нивото на ангажираност на институциите е многу добро“, рече премиерот Калин Попеску Таричеану, пред состанокот на кој требаше да се разгледуваат организационите мерки за настанот.
Тридневниот самит, кој започнува на 2-ри април, ќе биде најголем во 59-годишната историја на пактот.
Неговиот успех ќе зависи од постигнувањата на некои конкретни цели, како што е проширувањето на Алијансата, зајакнувањето на евроатланското партнерство, решавањето на косовското прашање, како и други „жешки“ теми, изјави за новинарите во четвртокот министерот за надворешни работи, Адријан Чориану.
Тој изрази надеж дека самитот ќе помогне за понатамошното унапредување на односите на НАТО со балканските земји, особено со Албанија, Хрватска и Македонија, кои се надеваат дека ќе добијат покана за влез во Алијансата во Букурешт.
Ваквиот потег би „го зајакнал јужното крило на Алијансата, проширувајќи ја безбедноста и стабилноста на Балканот“, рече Чиориану.
Тој, исто така, изрази надеж дека самитот ќе ги зајакне односите на НАТО со Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
„Во случајот на Србија, ние се надеваме дека на самитот во Букурешт ќе биде испратена силна порака во врска подготвеноста на Алијансата за соработка со Белград, веднаш штом српските власти бидат подготвени за тоа“, рече тој.
Романија, заедно со Канада и осумте источноевропски членки на Алијансата -- Бугарија, Чешка, Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Словачка и Словенија -- испратија писмо до генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, со поддршка за кандидатурите за членство на Грузија и Украина. Десетте земји, наводно, побарале на двете поранешни советски републики да им бидат понудени Акциони планови за членство -- чекор напред на патот до Алијансата.
„Романија е директно заинтересирана Грузија и Украина да добијат евроатланска поткрепа и ги поддржуваат пристапите на двете земји во таа насока“, истакна Чориану.
Операциите на НАТО, вклучително и оние во Косово и Авганистан, ќе бидат другата клучна тема на разговорите за време на самитот.
„Што се однесува до Косово, Алијансата јасно стави до знаење дека КФОР ќе остане таму врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, освен ако Советот за безбедност не одлучи поинаку. КФОР е таму за да ја загарантира безбедноста и сигурноста -- за сите граѓани на Косово“, рече Де Хоп Шефер во делот објавен во последното издание на NATO Review во четвртокот.
Чиориану за новинарите изјави дека учесниците на самитот се очекува да се осврнат и на некои од клучните предизвици со кои се соочува пактот денес, како што се сајбер нападите и безбедноста на инфраструктурите на енергетскиот сектор.