КФОР: „Смислена намера за убивање“ од страна на косовските Срби

19/03/2008

Српските демонстранти во Косово употребија гранати, молотови коктели и пушки во намерен обид да убијат луѓе, објавија во средата меѓународните претставници. Тие го обвинуваат Белград дека не го искористил своето влијание за да спречи избивањето на насилство.

Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштинa – 19/03/08

photo

Полицискиот комесар на ОН, Лари Вилсон (десно), главниот заменик висок претставник, Лари Росин, и командантот на КФОР, генерал-полковник Ксавиер Бу де Марнак, во вторникот (18-ти март) одржаа прес-конференција. Тие ги критикуваа српските власти дека ги охрабриле, како што ги нарекоа, „оркестрираните“ судири со меѓународните сили, при кои еден украински полицаец загина, а десетици други беа повредени. [Лаура Хасани]

Украински полицаец во УНМИК почина како последица на повредите здобиени откако граната удри близу до него, потврдија во вторникот (18-ти март) меѓународните претставници.

„Вчера изутрина во северна Митровица загина еден полицаец на УНМИК“, изјави за новинарите полицискиот комесар Лари Вилсон, на специјалниот прес-брифинг. „Неговото име е Кинол Ијор. Тој пристигна во Косово на 17-ти декември минатата година, како дел од украинската полициска единица.“

„Граната експлодираше веднаш до него. Тој почина во текот на ноќта од повредите“, рече главниот заменик специјален претставник Лари Росин, кој присуствуваше на брифингот со Вилсин и командантот на КФОР, генерал-полковник Ксавиер Бу де Марнак. Вкупно 42 меѓународни полициски претставници се повредени, рече Росин.

Насилството изби во понеделникот, откако полицијата на УНМИК и војниците на КФОР презедоа акција за враќање на контролата над судската зграда во Митровица, која беше заземена во петокот од страна на група српски демонстранти.

Де Марнак рече дека толпата косовски Срби ја нападнаа полицијата на УНМИК со намера да предизвикаат жртви.

„Јасно е дека е премината црвената линија со смислената намера за убивање луѓе“, рече тој. „Молотовите коктели, распрскувачките гранати и гранатите, како и директниот оган, беа насочени кон УНМИК и војниците на КФОР. Ние нема да го толерираме тоа.“

Тројцата претставници рекоа дека има јасни индикации оти насилството во понеделникот не било спонтано, туку оркестрирано. Тие ја критикуваа Србија, посочувајќи дека властите во Белград не го употребиле своето влијание за да ги спречат предизвиците насочени кон власта на УНМИК, како што е заземањето на судската зграда во Митровица.

Српската влада „употреби неоспорно, решително влијание врз сите политички водачи во северно Косово“, рече Росин. „Никогаш не добивме нешто што би било јасно и недвосмислено дистанцирање од овој вид насилство“ од страна на белградските власти“, додаде тој.

Росин, исто така, истакна и како косовските Срби успеаја да ја преземат контролата над судската зграда во петокот. Полицијата на местото, рече тој, беше ограничена во она што можеше да се направи, бидејќи демонстрантите од косовските Срби ги ставија жените и децата на чело -- тактика што според него е одвратна.

„Ние нема да повредиме жени и деца. Сметаме дека е за осуда тоа што жени и деца беа ставени на првите линии, но што е тука е“, рече тој.

Официјалните претставници, исто така, одговорија на обвинувањата на српскиот министер за Косово, Слободан Самарџиќ, дека реакцијата на УНМИК била избрзана.

Самарџиќ, кој беше во Косово за време на заземањето на судската зграда, рече дека постигнал „принципиелен договор“ да не се преземаат дејства додека тој не пристигне во Митровица, да преговара за мирен крај на окупацијата на судската зграда.

„И покрај ова, тие ја извршија оваа насилна операција и го испровоцираа народот, предизвикувајќи судири на улиците“, додаде Самарџиќ.

Росин рече дека не бил постигнат никаков договор, и дека тој јасно му ставил до знаење на Самарџиќ дека УНМИК ќе реагира „во моментот што самиот ќе го избере“. Операцијата стана неопходна поради укажувањата дека косовските Срби планираат напади и на други објекти на ОН, додаде тој.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading