13/03/2008
Новите амандмани на законот за сопственост, со кои им се овозможува на странските државјани да купуваат недвижен имот во Македонија, се очекува да привлечат странски инвестиции, но оваа можност ја имаат само членките на ЕУ и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Од Марина Стојановска за Southeast European Times во Скопје -- 13/03/08
![]() Имотот во Македонија сега е на продажба за странските државјани. [Getty Images] |
Како резултат на амандманите на законите за имот, странските државјани и правните лица ќе можат да купуваат имот и земјиште во Македонија, во согласност со неодамнешната одлука на владата.
„Амандманите на законот за сопственост ќе им дадат на странците исти права како и домашните правни и физички лица, кога купуваат недвижности во Македонија. Ваквата либерализација на пазарот на недвижности ќе привлече странски инвестиции и ќе го подобри пазарот на недвижности“, рече вицепремиерот Зоран Ставревски.
Со амандманите се опфатени само државјаните на земјите од ЕУ и ОЕЦД, додека за другите земји важи принципот на реципроцитет. Ставревски рече дека Министерството за правда треба да подготви листа на земји во кои македонските државјани можат да купуваат недвижен имот и земјиште, за да може и Македонија да биде реципроцитетна.
Ставревски објаснува дека во оваа фаза на амандманите, странците нема да може да купуваат земјоделско земјите поради државните потреби. „Либерализацијата на земјоделското земјиште ќе започне откако Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.“
Некои агенции за недвижности при Стопанската комора на Македонија очекуваат либерализацијата на пазарот на недвижности да донесе прилив на туристи, со оглед на тоа што странците се заинтересирани за купување земјиште и објекти претежно во близина на езерата и на планините. Во Бугарија и Црна Гора, на пример, цените на недвижниот имот за метар квадратен драстично се зголемија веднаш по либерализацијата.
„Цените на недвижностите се диктирани од пазарот. Има странски инвестиции во изградбата на станбени објекти, што доведе до благ пораст на цените за метар квадратен“, вели Лилјана Ковачева, претседателка на агенциите за недвижности при Стопанската комора.
Цените на метар квадратен за нов стан во Македонија се движат помеѓу 1.000 и 1.500 евра, додека квадратен метар во постари згради чини помеѓу 650 и 850 евра.
Според Ковачева, намалувањето во изградбата на недвижности не се должи на затворениот пазар кој сé уште не е либерализиран, туку на неколкуте скандали кои вклучуваа изградба на станбени објекти, во кои илјадници луѓе беа измамени.