Tурција планира да вложи милијарди во осиромашените југоисточни области на земјата

13/03/2008

Tурција планира да инвестира 12 милијарди американски долари во сеопфатната петгодишна програма за југоисточниот дел од земјата, во кој доминира курдското население, во обид да го подобри животниот стандард во овој регион и да ги одвлечи младите луѓе од милитантните активности.

(Christian Science Monitor, Заман, Тркиш дејли њус, Хуријет - 13/03/08; Њујорк тајмс, УПИ, ВОА, Њу Анатолијан - 12/03/08; Хуријет - 11/03/08)

photo

Tрговци разговараат пред своите продавници во турскиот југоисточен град Санлиурфа. Владата планира да инвестира 12 милијарди американски долари во регионот, како дел од пакетот економски стимуланси. [Getty Images]

Турција подготвува програма вредна повеќе милијарди американски долари за својот југоисточен дел од земјата, во кој доминира курдското население, со цел зголемување на вработеноста во регионот и одвлекување на младите луѓе од војувањето, рече премиерот Реџеп Тајип Ердоган во интервјуто објавено во средата (12-ти март).

„Сé што можеме да видиме во западниот дел од земјата, можеме да го видиме и во источниот дел“, изјави тој во вторникот во Анкара за Њујорк тајмс.

Владата планира да одвои 12 милијарди американски долари за поддршка на серијата проекти во осиромашениот регион, дом на поголем дел од турското скоро 12-милионско курдско население. Програмата се очекува да создаде нови работни места и со тоа да го подобри животниот стандард во тој дел од земјата, како и да ја поткопа поддршката за забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), класифицирана како терористичка организација од страна на Соединетите Држави и ЕУ.

Ердоган за Tајмс изјави дека проектите предвидени во петгодишната програма ќе вклучуваат изградба на две големи брани и иригациони системи, како и комплетирање на асфалтирањето на патиштата и отстранување на нагазните мини од полињата долж сириската граница.

Иако плановите за новата иницијатива требаше да завршат во текот на следните два месеци, премиерот се очекува официјално да ги претстави за време на посетата на регионот на 6-ти април.

Тој „ќе даде мошне важни изјави во Дијарбакир“, се цитира изјавата претходно оваа недела на поранешниот советник Мехмет Метинер, и самиот Курд. „Тој ќе донесе важни иницијативи за промовирање на курдската култура и јазик, како и сеопфатен пакет за регионот.“

Изјавата на Ердоган дојде по копнената офанзива на турските сили против милитантите на ПКК во северен Ирак минатиот месец и неговите разговори со ирачкиот претседател Јалал Талабани во Анкара во петокот. Тој рече дека самата воената акција не е доволна за борба против тероризмот.

„Борбата против тероризмот не е само ова. ... Таа има и социоекономски дел, психолошки дел, културен дел“, рече Ердоган во своето интервју.

Затоа, покрај економските мерки, владата планира да посвети државен телевизиски канал на емитување програма на курдски јазик, што ќе го исполни долготрајното барање на турските Курди. Телевизискиот канал, кој се очекува да започне со работа за неколку месеци, ќе има програми и на персиски и арапски јазик.

„Тоа ќе биде најважниот чекор во обезбедувањето на културните права во регионот“, Тајмс ја цитираше изјавата на Ердоган.

Тој, исто така, ја потврди подготвеноста на Анкара да ги подобри врските со ирачките Курди, кои ги обвинува за поддршка на бунтовниците на ПКК стационирани во северниот дел од земјата, користејќи го како лансирна рампа за прекугранични упади во Турција.

„Ние сме најважната врата за северен Ирак да се отвори кон светот. Ние сме најздравата врата“, рече Ердоган.

Бунтовниците на ПКК се борат за самоуправа во турскиот југоисточен дел од 1984 година. Повеќе од 30.000 луѓе загинаа во нивниот вооружен конфликт со турските сили до 1999 година, по што неколку илјади милитанти избегаа во северен Ирак.

„Сите кои влегоа во Ирак досега ќе останат некое време и ќе заминат, но ние ќе останеме“, изјави Ердоган за Tајмс. „Ние имаме роднини во северен Ирак. Како и луѓе кои живеат со своите роднини во нашиот југоисточен регион. Со кого да имаме добри односи ако не меѓу себе?“

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading