УНМИК ја врати контролата над железницата во Косово

05/03/2008

Српската железница ги следеше инструкциите на пограничната полиција во Косово, која му рече на претпријатието дека не може да ги движи возовите јужно од Лешак.

Од Блерта Фониќи за Southeast European Times во Приштина – 05/03/08

photo

Косовскиот премиер Хашим Тачи (десно), шефот на УНМИК, Јоаким Рикер (во средина) и командантот на КФОР, генерал-полковник Ксавиер де Марнак. одржаа прес-конференција по состанокот во Приштина во вторникот (4-ти март). [Лаура Хасани]

Властите на УНМИК во вторникот (4-ти февруари) повторно ја презедоа контролата над железничката линија помеѓу Звечан и Лешак во северниот дел од Косово. Овој потег уследи еден ден откако претседателот на Српски железници Бранислав Ристивојевиќ -- близок советник на српскиот премиер Воислав Коштуница -- објави дека неговото претпријатие презело 60 километри од железничката пруга.

Околу 9 часот и 35 минути во вторникот, пограничната полиција им рече на претставниците на Српските железници дека нема да им дозволи да го испратат возот јужно од Лешак, изјави за новинарите шефот на УНМИК, Јоаким Рикер. Српската железница ја послуша наредбата, рече тој.

„Успешната интервенција од страна на Пограничната полиција на УНМИК денес го пренасочи предизвикот на властите на УНМИК кој се случи вчера кога Српските железници нелегално испратија два свои воза јужно од Лешак“, рече Рикер, додавајќи дека ваквите дејства од страна на претпријатието значат кршење на Меморандумот за разбирање од 2003 година, потпишан од страна на неговиот претходник, Југословенските железници.

„УНМИК и неговите партнери и понатаму ќе ги решаваат сите предизвици за законот и редот низ цело Косово“, додаде тој.

Рикер, косовскиот премиер Хашим Тачи и командантот на КФОР, Ксавиер де Марнак, во вторникот дадоа изјави за новинарите, по состанокот во зградата на ОН во Приштина, на кој беше разговарано за железничкиот инцидент и општо, за косовската ситуација.

„КФОР е тука да ја одржи безбедносната ситуација во сите делови од Косово. А сите знаат дека КФОР, УНМИК и Косовската полициска служба имаат добра соработка“, рече Де Марнак.

Тачи, пак, инсистираше на тоа дека неговата влада има мандат за покривање на цело Косово и дека „законот ќе важи за сите“.

„Имаме сигнали дека сите граѓани се подготвени да ја прифатат новата реалност во Косово и да се интегрираат во ова општество“, рече тој.

Во последниве денови, премиерот ја посети северна Косовска Митровица и другите делови од Косово населени со Срби, во обид да допре до луѓето таму. Тој призна дека ситуацијата во овие области не е иста како во другите делови на Косово. Сепак, рече тој „нема паника или атмосфера на загриженост. Тие веруваат во косовските институции“.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading