25/02/2008
Водачот на партијата АКЕЛ, Димитрис Христофиас, победи на вториот круг од претседателските избори во неделата. Тој вети дека ќе вложи максимални напори за ставање крај на долготрајната поделба на островот.
(AФП, ДПА, Гардијан, Индипендант - 25/02/08; AП, АФП, Ројтерс, ДПА, Блумберг, ББС, ФТ, КНА - 24/02/08)
![]() Водачот на АКЕЛ, Димитрис Христофиас, им мафта на своите поддржувачи по победата на претседателските избори во Кипар во неделата (24-ти февруари), на кои го победи конзервативецот Јоанис Касулидес. [Getty Images] |
Претседателот на парламентот, Димитрис Христофиас, победи на клучниот втор круг од кипарските претседателски избори во неделата (24-ти февруари), откако рече дека повторното обединување на овој медитерански остров претставува негов главен приоритет.
„Ќе ги засукаме ракавите и напорно ќе работиме за повторно обединување на нашиот остров. Сега е навистина доста, продлабочувањето на поделеноста е катастрофално за нашиот народ и за нашиот остров“, изјави за новинарите водачот на комунистичката партија АКЕЛ, давајќи го својот глас на изборите. „Јас, исто така, им испраќам порака на пријателство на обичните кипарски Турци.“
Според официјалните конечни резултати, Христофиас освои 53,4 отсто од гласовите и стана првиот кипарски комунистички претседател и единствен комунистички водач помеѓу 27-те земји на ЕУ. Конзервативниот поранешен министер за надворешни работи, Јоанис Касулидес, кој беше во благо водство во првиот круг, во вториот круг освои само 46,6 отсто од гласовите.
Признавајќи го поразот, тој вети дека ќе го поддржи Христофиас во напорите за прекин на ќор-сокакот во мировниот процес.
„Го уверив дека ќе го поддржам во напорите за изнаоѓање решение на нашето национално прашање“, рече Касулидес. Последните меѓународни напори за ставање крај на поделеноста на Кипар пропаднаа во 2004 година, кога 76 отсто од гласачите на кипарските Грци го отфрлија предлогот на генералниот секретар Кофи Анан за решение. Иако 65 отсто од кипарските Грци го одобрија планот, само меѓународно признаениот дел на островот, оној на кипарските Грци, пристапи во ЕУ на 1-ви мај 2004 година, претставувајќи ја целата земја. Т.н. Турска Република Северен Кипар е признаена само од Анкара.
За време на кампањата, Христофиас и Касулидес го критикуваа претседателот во заминување Тасос Пападопулос поради тоа што не се обиде вистински да ги деблокира мировните разговори, откако активно водеше кампања против планот на Анан во 2004 година.
Откако резултатите на изборите во неделата станаa јасни, водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат, му се јави на Христофиас да му честита на победата. Двајцата, наводно, се согласиле да се состанат во блиска иднина, во обид за повторно обединување.
„Им подавам рака на пријателство на кипарските Турци и нивното раководство“, рече Христофиас подоцна. Тој додаде „Ги повикувам да работиме заедно за нашата заедничка цел - земја на мир.“
Повторното обединување на Кипар ќе ја отстрани клучната пречка на патот за пристап на Турција во ЕУ и ќе овозможи подобри односи помеѓу Анкара и Атина. Честитајќи му на Христофиас на неговата победа, претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, во понеделникот го повика да ја искористи оваа шанса за обновување на мировниот процес.
„Силно го охрабрувам да ја искористи оваа шанса и без одложување да ги започне преговорите под покровителство на Обединетите нации со водачот на заедницата на кипарските Турци“, АФП ја цитираше изјавата на Баросо.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's