Додик вели дека независноста на Косово не е причина за отцепување на РС

21/02/2008

Република Српска ќе побара независност само ако нејзиниот статус во рамките на Босна и Херцеговина биде доведен во прашање, рече премиерот на ентитетот во изјавата објавена во средата.

(Ројтерс, ДПА, АП, Балкан инсајт, Б92 - 20/02/08; Балкан инсајт -- 18/02/08 - 19/02/08; Канцеларија на високиот претставник - 18/02/08)

photo

Премиерот на Република Српска, Милорад Додик. [Getty Images]

Независноста на Косово не претставува причина Република Српска (РС) да врши притисок за отцепување од Босна и Херцеговина (БиХ), посочи премиерот на ентитетот во коментарот објавен во средата (20-ти февруари). Но, Милорад Додик, кој исто така го предводи водечкиот Сојуз на независнисте социјалдемократи (СНСД) на босанските Срби, не ја отфрли оваа опција ако на некој начин биде доведен во прашање статусот на ентитетот .

Додик рече дека неговата партија „ќе бара референдум за независност ако статусот на (РС) биде доведен во прашање, што не се случи поради независноста на Косово. Јас сметам дека независноста на Косово само ја зајакна Република Српска“, ДПА ја цитираше неговата изјава објавена во средата во бањалучкиот весник Глас српскe.

Се зголемува бројот на повиците на екстремните националисти од босанските Срби, РС да го следи примерот на Косово. Бранислав Дукиќ, водач на организацијата СПОНА, која ја сочинуваат неколку групи воени ветерани на босанските Срби и која тврди дека претставува 70 отсто од населението на ентитетот, го повика парламентот на РС да прогласи самоопределување. Набргу откако косовското собрание ја усвои својата декларација на независност во неделата, водачите на Радикалната партија и најголемата опозициска Српска демократска партија ја повикаа РС да го следи примерот.

Додик, кој го покрена прашањето на евентуалниот референдум за независност во ентитетот откако Црногорците гласаа за ставање крај на нивните врски со Србија во мај 2006 година, ја смири својата реторика во последниве месеци. Во своето интервју, тој ги обвини партиите што зборуваат за отцепување на РС дека сакаат да добијат политички поени.

„Не сум човек без емоции, кој не би сакал многу работи веднаш, но некои од нив се нереални“, изјави Додик за весникот на босанските Срби. „Ние мораме да работиме полека, рационално, мудро. Можеме да направиме повеќе штета отколку добро со избрзани потези.“

Тој, исто така, посочи дека неговата цел сега е зајакнување на автономијата на РС.

Во извештајот на Ројтерс од средата се цитира изјавата на неговата партија СНСД во која се посочува дека партијата ќе се спротивстави на западните повици РС да й отстапи повеќе надлежности на централната власт на РС.

„Трансферот на надлежностите во Сараево е запрен“, рече партијата на Додик, додавајќи дека ќе продолжи да го следи тој курс додека истиот има „големи уставни и долгорочни последици“.

Глас српскe објави интервју со премиерот еден ден пред членовите на парламентот на РС да разговараат за косовските настани на специјалната седница во четврток.

Според белградскиот медиум Б92, Додик ги негирал шпекулациите дека пратениците ќе усвојат декларација во која ќе се вели дека РС треба да има право на отцепување од БиХ ако независноста на Косово биде признаена од повеќе од половина земји-членки на Советот за безбедност на ОН. Додик вели дека парламентарните комисии подготвуваат една ваква декларација, но во моментов „нема официјален документ“.

Меѓународните претставници постојано предупредуваат дека сите обиди за вештачко поврзување на ситуацијата на РС со онаа на Косово ќе бидат отфрлени.

„Република Српска нема право на отцепување од Босна. Во моментов никој не може еднострано да ја укине Република Српска“, рече неодамна високиот претставник Мирослав Лајчак.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading