20/02/2008
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, за новинарите по состанокот во вторникот со премиерот Хашим Тачи изјави дека ЕУ е обединета во својата намера да ја доведе мисијата ЕУЛЕКС за помош во Косово.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина - 20/02/08
![]() Шефот за надворешна политика, Хавиер Солана (лево), се состана со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу во Приштина. [Лаура Хасани] |
Шефот за надворешна политика, Хавиер Солана, во вторникот (19-ти февруари) допатува во Приштина, станувајќи првиот висок политички претставник што го посети Косово откако тоа прогласи независност. Тој беше таму за да ги разубеди водачите дека ЕУ не е поделена во врска со независноста на Косово.
Солана ги увери дека ЕУ е обединета во својата одлука да распореди полициска и судска мисија во Косово. Мисијата на ЕУ од 1.800 припадници, наречена ЕУЛЕКС, официјално беше лансирана во саботата, а ќе биде целосно функционална по 120 дена.
„ЕУ е толку обединета ... што ќе испратиме луѓе на терен“, им рече Солана на косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и премиерот Хашим Тачи.
Солана, исто така, рече дека „Европската Унија не ги признава земјите, земјите-членки на ЕУ го прават тоа, и тие ќе го направат тоа во согласност со националните легислативи“.
Почнувајќи од вторникот, најголемиот број членки на ЕУ веќе објавија дека ќе започнат официјални дипломатски врски со најновата земја на континентот.
Сепак, не сите земји на ЕУ ја признаваат независноста на Косово. На состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделникот во Брисел, членовите подготвија изјава за Косово, која го одразува фактот дека Кипар и Шпанија предводат група земји кои се противат на признавањето на едностраните потези. Оваа изјава беше одобрена од голем број членки на ЕУ.
Сепак, Солана рече дека ЕУ е отворена за сите земји, вклучително и за Косово. Тој додаде дека „ние ја делиме среќата на косовскиот народ. Таа енергија сега треба да се претвори во работа“.
Солана апелираше до народот и владата „да ја трансформираат својата среќа во конструктивна и позитивна енергија за градење на Косово“.
Сепак, тензиите во регионот растат поради прогласувањето независност. Тачи говореше за ова прашање велејќи дека земјата е посветена на тоа да биде држава за сите граѓани и да ги гарантира правата на сите малцинства, особено Србите.
Тој рече дека дури и најмалите инциденти се пренадуени од страна на медиумите. „Сé е под контролата на безбедносните власти.“
Запрашан што ќе стори ЕУ во врска со фактот дека Србија во северно Косово не го прифаќа ЕУЛЕКС, Солана одговори дека мисијата „мора да ја врши својата работа на целата територија, не само во некои делови“.
Солана беше придружуван од идниот шеф на ЕУЛЕКС, францускиот генерал Ив де Кермабон, како и од претставникот на ЕУ во Косово, Питер Фејт.