Шефот на УНМИК вели дека насилството нема да се толерира

20/02/2008

КФОР беше принуден да го засили своето присуство во северниот дел на Косово во вторникот, откако групи демонстранти од етничките Срби нападнаа и уништија два гранични пункта.

(Ројтерс, ДПА, Вашингтон пост, Њујорк тајмс, Гардијан, ББС, Блиц - 20/02/08; AФП, АП, Ројтерс, ДПА, Дојче веле, Балкан инсајт, Бета, Б92 - 19/02/08)

photo

Пограничниот пункт што ја поврзува Србија со етнички поделениот град Косовска Митровица беше запален во вторникот (19-ти февруари). Србите, лути поради косовското прогласување независност, уништија два контролни пункта, поради што силите на НАТО мораа да интервенираат. [Getty Images]

Осудувајќи ги нападите на двата контролни премини во северниот дел на Косово во вторникот (19-ти февруари), највисоките претставници на ОН и НАТО во најновата европска држава предупредија против какви било понатамошни провокации.

„Насилството е целосно неприфатливо и нема да се толерира“, рече шефот на УНМИК, Јоаким Рикер, во изјавата неколку часа откако групите косовски Срби ги уништија објектите во Јариње и Брњак на границата со Србија.

Тој рече дека очекува сите граѓани „да се смират и да ги почитуваат УНМИК и КФОР, кои ќе продолжат напорно да работат на гарантирањето на безбедноста и сигурноста“.

Околу 3.000 косовски Срби, меѓу кои и некои маскирани, наводно биле вклучени во нападите на двата премина, што се случија два дена откако Косово еднострано прогласи независност од Србија.

Користејќи булдожери и пластични експлозиви, групите најпрво го нападнаа граничниот премин Јариње во Лепосавиќ, и ги запалија објектите во кои се сместени царинската служба и пограничната полиција.

Пунктот во Брњак, во близина на Зубин Поток -- околу 30 километри северно од Косовска Митровица -- беше исто така демолиран и запален во вториот напад кусо време потоа. Косовската полиција и царинските власти на ОН што работат таму побара засолниште во блискиот тунел.

„Беше многу опасно. Полицијата мораше да се повлече и да побара помош од мировниците на НАТО“, рече портпаролот на Косовската полициска служба (КПС) Ветон Елшани по инцидентите на граничните премини, со кои управуваа косовската полиција и полицијата на УНМИК. „Тие ги истераа КПС и царинските претставници од премините Јариње и Брњак. Објектите и возилата се уништени“, додаде тој, истакнувајќи дека немало повредени.

Шефот на Српскиот национален совет за северно Косово, Милан Ивановиќ, подоцна за новинарите изјави дека протестите биле поттикнати од гласините дека царинските власти на етничките Срби „планираат да ги преземат двата гранични премини и да ги прекинат врските со Србија“.

По нападите, УНМИК објави дека двата гранични премини ќе бидат затворени 24 часа. КФОР испрати хеликоптери и оклопни возила да ги евакуираат претставниците на ОН и косовските полицајци кои работат таму, а потоа го засили своето присуство во областа.

„Сите треба да се воздржат од какви било провокативни изјави или дејства“, рече командантот на КФОР, генерал-полковник Ксавиер де Марнак, во изјавата. „КФОР ќе реагира остро на сите поединци или групи што ќе сакаат да ја поткопаат безбедноста и сигурноста и слободата на движењето низ цело Косово.“

Полковник Бертранд Боно, портпарол на мировните сили предводени од НАТО од 16.000 припадници, за ДПА изјави дека „конвој од околу 70 возила, вклучително и десет автобуси“ влезе во Косово од Србија во време на нападите. Патиштата што водат до контролните пунктови подоцна беа затворени.

Негирајќи ја вмешаноста на неговата земја во инцидентите, српскиот министер за Косово, Слободан Самарџиќ, истовремено рече дека нападите се „легитимни“.

„Денешните дејства беа во согласност со генералната владина политика“, изјави тој за приватната српска телевизија Б92. „Белград има намера да ја преземе царината во северно Косово. Царинските пунктови требаше да станат дел од [Косовската] државна граница и ние нема да дозволиме тоа да се случи.“

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading