18/02/2008
Одлуката во неделата предизвика масовни прослави низ цело Косово, но оптимизмот е смирен од реализмот, бидејќи многумина ги насетуваат предизвиците што престојат.
Од Артан Мустафа за Southeast European Times во Приштина --18/02/08
![]() Прослави се одржаа доцна во неделата (7-ми февруари) во Приштина, по прогласувањето. [Лаура Хасани] |
Косово беше место на масовни прослави во неделата (17-ти февруари), кога пратениците ја изгласаа едностраната декларација за независност од Србија. Потегот уследи по скоро двегодишниот процес на меѓународно посредувани преговори, кој не резултираше со договор и се случи во време на контринуиран ќор-сокак во Советот за безбедност на ОН.
Илјадници луѓе излегоа на улиците, веејќи го албанското знаме, како и на оние западни земји кои се сметаат за поддржувачи на независноста. Албанци од целиот свет дојдоа да учествуваат на прославите, кои кулминираа во 11 часот вечер во неделата, со официјален огномет. Повеќе од 1.000 странски новинари беа присутни на настанот, додека најголемите светски телевизиски куќи емитуваа директен пренос од истиот.
Со прогласувањето, косовските водачи се надеваат дека ќе го затворат последното поглавје што произлезе од распадот на Југославија. Со децении етничкото албанско мнозинство во покраината има аспирации за независност. Овие аспирации беа сурово потиснувани од страна на поранешниот српски водач Слободан Милошевиќ, со етнички конфликт и на крајот интервенција на НАТО како резултат на ова.
Документот одобрен во неделата се заснова на планот што го предложи поранешниот фински претседател Марти Ахтисари, кого ОН го назначија да го надгледува процесот на преговори за решението на косовското прашање. Планот на Ахтисари предвидува мултиетничко Косово со шест конститутивни заедници -- Албанци, Срби, Роми, Турци, Босанци и Египѓани.
Пратениците, исто така, го одобрија државното знаме на кое ја има сината боја на ЕУ, како и картата на Косово со шест ѕвезди што ги претставуваат заедниците кои ја сочинуваат државата.
„Го прогласуваме Косово за демократска, секуларна и мултиетничка република, водена од принципите на недискриминација и еднаква заштита според законот. Ќе ги заштитуваме и промовираме правата на сите заедници во Косово и ќе ги создадеме неопходните услови за нивно ефикасно учество во политичките процеси и процесите на донесување одлуки“, се вели во декларацијата.
Премиерот Хашим Тачи рече дека надежите никогаш не биле поголеми во Косово. „Ветуваме дека спроведувањето на предлогот на Ахтисари ќе биде наш национален приоритет“, рече тој пред парламентот.
Претседателот Фатмир Сејдиу рече дека со независноста се одбележува крајот на распадот на поранешна Југославија, процес кој предизвика долготрајни конфликти во Босна и Херцеговина и во Хрватска, како и во Косово. „Сега е време да се работи за атмосфера на помирување и простување.“
„За првпат во нашата историја, имаме рамка која ни дозволува да градиме слободно и без стравување од брутална сила на нашиот сосед [Србијa]“, рече познатиот косовски новинар Ветон Сурои.
Сепак, оптимизмот е смирен од реализмот, бидејќи повеќето Косовари се свесни за големите предизвици што следат. Економијата е несредена и младата држава не уживе легитимитет што би го обезбедил евентуалниот договор во Советот за безбедност на ОН. Русија веќе го осуди потегот на Приштина, па дури и ЕУ е поделена, при што неколку членки посочуваат или дека ќе го одложат признавањето или дека сосема ќе го одбијат.
Поранешниот претставник на САД на Балканот, Ричард Холбрук, рече дека водачите мора да работат на спречување на тоа ситуацијата да се претвори во ќор-сокак. „Од Србите зависи дали ќе ја прифатат реалноста на новата држава. Но, Албанците и владата во Приштина мора да гарантираат дека Србите нема да се малтретираат, дека нивните историски и верски споменици ќе бидат заштитени и дека тие ќе живеат во мир со своите албански соседи“, рече тој.
ЕУ во саботата го одобри испраќањето на мисија од 1.800 припадници во Косово, да му помогне на судскиот систем и полицијата. Истата ќе формира и политичка канцеларија со задача да го следи спроведувањето на планот на Ахтисари.
Според политичкиот аналитичар Арбен Џафери Европа може да помогне во тоа Косово да стане модерна држава. „Ако го сфатиме тоа и ако работиме со нив умешно, Косово би можело да биде пример за успех во иднина“, рече тој.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's