15/02/2008
Полициските сили во Република Српска во петокот беа ставени во состојба на готовност по заканите од националистичката група на босанските Срби, која вели дека ќе изврши притисок ентитетот да прогласи независност ако Косово се отцепи од Србија.
(AФП - 15/02/08; Ројтерс, АФП, ДПА, АП, Балкан инсајт, Фена 14/02/08; AФП - 13/02/08; Ројтерс - 12/02/08)
![]() „Во случај на унилатерално прогласување независност на Косово, и другите ќе можат да развиваат вакви идеи“, рече премиерот на Република Српска, Милорад Додик. [Getty Images] |
Националистичка група од босанските Срби во четвртокот (14-ти февруари) предупреди дека ќе изврши притисок Република Српска (РС) да прогласи независност од Босна и Херцеговина (БиХ) ако Косово се отцепи од Србија.
„Ако Косово прогласи независност, ние ќе бараме независност и за српската република“, рече претседателот на Српското движење на независни асоцијации (СПОНА), на прес-конференцијата во Бања Лука.
Во случај која било друга поранешна југословенска република да ја признае еднострано прогласената декларација што пратениците во Приштина се очекува да ја усвојат в недела, властите во РС би требало да преземат чекори за враќање на сите ингеренции пренесени од ниво на ентитет на државно ниво во последниве години, рече тој.
Цитирајќи дипломатски извори, македонскиот весник Утрински весник во петокот објави дека Скопје ќе ја признае независноста на Косово во рок од три недели по нејзиното прогласување. Хрватска оваа недела посочи дека ќе ја следи политиката на ЕУ за ова прашање, но нема да биде помеѓу првите што ќе објават признавање на државата во зародиш.
Словенија, која моментно претседава со ЕУ, е помеѓу неколкуте земји-членки на Унијата кои сигнализираа подготвеност да го признаат независно Косово без одобрение на ОН.
Ако ЕУ го направи тој чекор „спротивно на меѓународното право“ парламентот на РС треба да прогласи независност на ентитетот без референдум, рече шефтот на СПОНА, која ја сочинуваат неколку групи воени ветерани на босанските Срби.
„Ако незаконскиот парламент на Косово прогласи независност, нема причина зошто законскиот парламент на Република Српска не би го имала тоа право“, Ројтерс ја цитираше изјавата на Дукиќ.
Друга националистичка група, Изборот е твој, се вели дека исто така планира да изврши притисок пратениците на РС да го следат примерот на Косово. Покрај ова, групата ветува дека ќе организира протести ако покраината се отцепи од Србија.
Премиерот на РС, Милорад Додик, кој беше критикуван поради слични вакви сецесионистички изјави во минатото, во четвртокот рече дека ентитетот мора „многу внимателно“ да размисли за својот одговор на прогласувањето независност на Косово.
„Во случај на еднострано прогласување независност на Косово, и другите може да развиваат вакви идеи“, додаде тој.
Најважна работа, рече Додик, е одржувањето на мирот и безбедноста во РС. Тој, исто така, истакна дека неговата влада ќе ги блокира сите обиди БиХ да го признае Косово како суверена држава.
Главниот меѓународен претставник во БиХ, високиот претставник Мирослав Лајчак, постојано истакнува дека Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши конфликтот во периодот 1992-1995 година, гарантира територијален интегритет на БиХ и не предвидува промени на границата.
„Република Српска нема право да се отцепи од Босна, и истовремено никој не може еднострано да ја укине Република Српска“, рече Лајчак неодамна.
Пред очекуваното прогласување независност на Косово, полициските сили во РС оваа недела почнаа да се подготвуваат за справување со потенцијалната ескалација на тензиите во ентитетот.
„Полицијата е во состојба на готовност, при што значителен број полицајци се подготвени да реагираат и да спречат какви било евентуални немири и насилство“, АФП го цитираше шефот на администрацијата на полицијата за криминал при Министерството за внатрешни работи на РС, Гојко Васиќ, во петокот. „Не очекуваме никакви големи немири, но ако има протести, полицијата ќе се погрижи овие настани да се одржат на соодветен начин.“