17/01/2008
Косово никогаш нема да влезе во ОН или другите меѓународни политички организации ако прогласи независност, предупреди Русија на состанокот на Советот за безбедност во средата, истакнувајќи истовремено дека западните земји ја потврдиле својата поддршка за заложбите на покраината за државотворност.
(ББС, ДПА, ВОА, Еуроњус, Блиц - 17/01/08; Ројтерс, АП, АФП, Бета, Б92, ОН - 16/01/08)
![]() „Тие [Косово] нема да станат членки на ОН, нема да станат членки на меѓународните политички институции ... ако одат по патот на едностраните декларации“, изјави за новинарите рускиот амбасадор во ОН, Витали Чуркин. [Getty Images] |
Советот за безбедност на ОН се состана во средата (16-ти јануари) на разговори околу извештајот на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, за активностите на УНМИК и развојот на настаните во Косово во текот на последното тримесечје на 2007 година. Непостигнувањето напредок кон решавањето на идниот статус на покраината би можело да ја загрози регионалната стабилност и постигнувањата на ОН во Косово, предупредува извештајот.
„Напредокот во процесот на одредување на идниот статус на Косово треба да остане висок приоритет за Советот за безбедност и меѓународната заедница“, рече генералниот секретар. Откако 18-те месеци меѓународно спонзорирани разговори помеѓу Белград и Приштина не резултираа со договор, водачите на косовското мнозинство на етничките Албанци од 90 отсто, сега планира да усвои еднострана декларација на независност од Србија.
Српскиот претседател Борис Тадиќ, чија земја се противи на заложбите на покраината за државност и наместо тоа нуди широка автономија, го повика во средата Советот за безбедност да спречи евентуален ваков чекор. Тој, исто така, повика на понатамошни преговори кон компромис прифатлив за двете страни.
Тадиќ, исто така, го увери телото од 15 земји дека неговата земја „нема да прибегне кон какво било насилство и војна“. Но, ако во покраината избие насилство и ако КФОР не успее соодветно да ги заштити косовски Срби „ние сме подготвени ... да помогнеме во обезбедувањето заштита на загрозеното население“ во договор со компетентните меѓународни институции, додаде тој.
Поздравувајќи го ветувањето на Тадиќ дека Србија ќе се воздржи од насилство, американскиот амбасадор во ОН, Залмај Калилзад, исто така побара од Белград да се воздржи од наметнување „економски мерки“ врз Косово, кои наводно би можеле да вклучат пресекување на дотурот на електрична енергија за покраината. Тој, исто така, ја предупреди земјата да не презема чекори што би можеле да ги нарушат на долгорочен план нејзините односи со САД и земјите на ЕУ, од кои повеќето се очекува да му се приклучат на Вашингтон во признавањето на независно Косово дури и без одобрение од ОН.
Русија, една од петте членки на Советот на безбедност со право на вето, ја поддржува Србија во нејзиното противење на покраината да й се додели каква било форма на државност и вети дека ќе ја блокира секоја одлука на ОН за иднината на Косово што нема да биде прифатлива за Белград. Рускиот амбасадор Витали Чуркин во средата инсистираше на тоа дека конечниот статус на покраината е прашање на Советот за безбедност, а не на ЕУ, и дека земјите-членки треба да подготват карта со насоки кон постигнување решение со договор.
Чуркин, исто така, предупреди дека независно Косово нема никогаш да стане членка на ОН или другите меѓународни политички организации. „Одејќи по патот на едностраните чекори, Косово нема да се приклучи на редовите на целосно признаените членки на меѓународната заедница“, рече тој.
Косовскиот премиер Хашим Тачи, кој не доби дозвола да се обрати пред Советот за време на делот од седницата во средата што се одвиваше зад затворени врати, ја изрази решеноста на покраината да прогласи независност, велејќи им на новинарите дека тоа е неопходно за регионалната стабилност.
„Косово воспостави демократски и мултиетнички институции и е подготвено за конечна одлука“, рече тој, ветувајќи дека ќе стане „земја на еднакви можноста за сите негови граѓани“. Тој, исто така, рече дека ќе работи на промовирањето добри односи со Србија.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's