15/01/2008
Српската влада во понеделникот го усвои акциониот план од „највисок степен на државна тајност“, кој мора да го спроведат институциите на земјата ако Косово еднострано прогласи независност.
(Блиц - 15/01/08; Ројтерс, АП, АФП, Еуроњус, Балкан инсајт, Бета, Б92, српска влада - 14/01/08)
![]() Уличен продавач од косовските Албанци гледа во Приштина. Косово се подготвува да прогласи независност. [Getty Images] |
Српската влада во понеделникот (14-ти јануари) усвои акционен план во кој детално се прецизирани мерките што агенциите и институциите во земјата ќе ги спроведат во случај Косово еднострано да прогласи независност.
Српскиот министер за Косово, Слободан Самарџиќ, за новинарите изјави дека не може да ја обелодени содржината на планот, бидејќи тој е класифициран како документ од најголема државна тајност.
Акциониот план, усвоен на вонредната владина седница во понеделникот, беше во согласност со неодамнешната парламентарна резолуција „за заштита на суверенитетот, територијалниот интегритет и уставниот поредок“ на Србија во случај Косово еднострано да прогласи независност, се вели во соопштението на владата.
Документот ја наведува одбраната на „Косово како интегрален дел од Србија“ како главен приоритет на државните институции додека не биде постигнато компромисно решение. Истиот повикува на нови напори за обезбедување на продолжување на преговорите кон постигнување договор.
Откако 18-те месеци меѓународно спонзорирани разговори за одредување на конечниот статус на Косово не успеаја да го премостат јазот помеѓу позициите на Белград и Приштина, ниту една од големите сили, освен Русија, не го поддржа залагањето на Србија за понатамошни преговори.
Отфрлувајќи го барањето на 90-те отсто косовско мнозинство на етничките Албанци за целосна независност и предвидувајќи, наместо тоа, доделување на одредена форма на државност на покраината, Србија постојано јасно става до знаење дека единствен исход кој може да го прифати е широка автономија во своите граници.
Косовското собрание сега се очекува да усвои еднострано прогласување независност по претседателските избори во Србија. Првиот круг ќе се одржи в недела, додека вториот круг е закажан за 3-ти февруари.
САД и повеќето земји на ЕУ посочија дека се подготвени да го признаат независно Косово дури и без одобрение на ОН.
Српските власти посочија дека земјата би можела да ги деградира, па дури и заостри дипломатските односи со земјите што ќе направат ваков потег.
Премиерот Воислав Коштуница и други претставници на неговата Демократска партија на Србија (ДСС) посочија дека е можно да извршат притисок за прекин на процесот на интеграција на земјата во ЕУ.
Иако не се обелоденети детали за конкретните мерки на акциониот план, во последниве месеци протекоа информации кои фрлија сенка на некои други можни одмазднички чекори што се разгледуваат.
Говорејќи под услови на анонимност, владин извор во понеделникот за Ројтерс изјави дека планот ги специфицира мерките што секое министерство ќе мора да ги преземе, вклучително и можниот прилив на бегалци од косовските Срби.
„Ова е претежно формален чин, приказ на решителноста и не значи дека некоја од овие мерки ќе биде спроведена“, вели неименуваниот претставник.
Министерот за внатрешни работи, Драган Јоциќ, рече дека задачата на неговото министерство спречува „каков било немир или терористички инцидент на територијатија на Србија“.
Другите можни мерки што се споменуваат во извештаите на медиумите вклучуваат воведување трговско и стоковно ембарго и патна блокада за косовските Албанци, кои тогаш ќе мора да бараат алтернативни, подолги патишта за дестинациите во Западна Европа. Србија, која е единствениот правец низ кој косовското претпријатие за електрична енергија увезува струја, би можела и да го прекине дотурот на струја за покраината.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's