И Белград и Приштина бараат поддршка од ОН

18/12/2007

Дијаметрално спротивставените ставови за иднината на Косово ќе бидат изнесени на седницата на Советот за безбедност на ОН зад затворени врати в среда.

(Ајриш тајмс, Блиц - 18/12/07; AП, АФП, ДПА, АКИ, ВОА, БИРН, Бета, Б92, српска влада - 17/12/07)

photo

Српскиот премиер Воислав Коштуница вели дека ќе побара од Советот за безбедност на ОН дополнителни преговори за статусот на Косово. [Getty Images]

Српскиот премиер Воислав Коштуница и косовскиот претседател Фатмир Сејдиу в среда (19-ти декември) ќе имаат свои обраќања пред Советот за безбедност, кога телото од 15 држави ќе одржи седница зад затворени врати на која ќе се разговара околу извештајот на меѓународните медиуми за преговорите во последните четири месеци помеѓу српските претставници и претставниците на косовските Албанци.

На заминување во неделата за Њујорк, каде што треба да присуствува на седницата, Сејдиу за новинарите изјави дека ќе бара поддршка од Советот за безбедност за независноста на Косово.

Коштуница, од друга страна, сака да добие поддршка од Советот за безбедност на ОН за продолжување на разговорите за статусот. „Можеме да разговараме, подготвени сме за компромис, но Србија мора да остане цела“, рече тој во изјавата пред своите заминување.

Три дена пред крајниот рок за разговорите на 10-ти декември, тројката ЕУ-САД-Русија објави дека овие последни напори за решавање на прашањето на конечниот статус на Косово не резултираа со договор.

Сé уште технички дел од Србија, Косово е протекторат на ОН уште од крајот на конфликтот во покраината во периодот 1998-1999 година.

Сметајќи дека состојбата на статус кво повеќе не е одржлива, ОН започнаа разговори за иднината на Косово во февруари 2006 година. Но, 13-месечните преговори, предводени од финскиот претседател Марти Ахтисари, не успеаја да го надминат јазот помеѓу позициите на Белград и Приштина околу суштинското прашање на статусот.

Косовските Албанци, кои сочинуваат 90 отсто од населението на покраината од вкупно 2 милиони, вршат притисок за целосна независност од Србија, додека Белград вели дека сé што може да понуди е широка автономија.

Со оглед на слабите изгледи за компромис, косовските водачи предупредија дека ќе прогласат независност унилатерално, ако разговорите предводени од тројката завршат без договор.

Во изјавата што беше објавена на крајот од еднодневниот самит во Брисел во петокот, водачите на ЕУ рекоа дека процесот на преговорите за иднината на Косово е исцрпен. Согласувајќи се со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, дека состојбата на статус кво во Косово е неодржлива, тие ја истакнаа потребата да се оди напред кон донесување решение.

Иако водачите на ЕУ не ја одобрија независноста за покраината, повеќето земји-членки се очекува да го признаат независно Косово дури и без поддршка од ОН.

Коштуница веднаш ги отфрли заклучоците на самитот на ЕУ за Косово, опишувајќи ги како „навредливи“.

Во изјавата објавена на официјалната веб-страница на српската влада во петокот, тој вели „непостоењето дополнителни разговори и поддршката за кршењето на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН со признавање на унилатерално прогласената независност на Косово“ е неприфатлива.

Според извештајот објавен во понеделникот од страна на Балканската мрежа на истражувачко новинарство (БИРН) правните експерти на ЕУ подготвија доверлив документ во кои тврдат дека Резолуцијата 1244 ниту спречува независност на Косово, ниту спречува другите земји да го признаат независно Косово.

Покрај тоа, тие сметаат дека нема ништо што би можело да ја спречи ЕУ да испрати мисија за замена на присуството на УНМИК или КФОР, вели БИРН.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading