17/12/2007
По завршувањето на разговорите кои ги водеше тројката, Советот за безбедност на ОН сега ќе мора да се состане и да се обиде да донесе одлука за статусот на Косово. Приштина, во меѓувреме, вели дека ќе прогласи независност унилатерално.
Од Игор Јовановиќ и Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Белград и Приштина – 17/12/07
![]() Косово ќе прогласи независност наскоро, рече косовскиот претседател Фатмир Сејдиу. [Getty Images] |
Во среда (12-ти декември) косовскиот претседател Фатмир Сејдиу рече дека независноста за покраината ќе се случи за неколку дена. „Само неколку дена не делат од конечниот чин на независност на Косово, кој ќе добие меѓународен благослов и благослов од нашите пријатели, САД, ЕУ и другите демократски земји“, рече тој.
Словенија -- која ќе го преземе ротирачкото претседателство на ЕУ на 1-ви јануари -- подготви план за независноста на Косово и реакцијата на Европа на тоа. Според извештаите од средата покраината се очекува да се прогласи за независна држава во првите два месеци од 2008 година и ќе биде признаена од Велика Британија, Франција, Италија и Германија во рок од 48 часа, според нацрт-предлогот.
САД се очекува да го објават своето официјално признавање на покраината набргу потоа, по што ќе следи Швајцарија, Исланд и Норвешка, а потоа и групата земји -- меѓу кои и Турција, Македонија, Албанија, Црна Гора, Хрватска и Словенија.
Покрај тоа, Словенија сака министрите за надворешни работи на ЕУ да издадат соопштение веднаш по прогласувањето независност на Косово, за да го отворат патот за распоредување на административната, судска и полициска мисија на ЕУ на лето.
Српските власти објавија дека жестоко ќе реагираат ако Косово прогласи независност без дозвола на Советот за безбедност на ОН. Сепак, владата ја отфрли можноста армијата да интервенира во Косово, со оглед на тоа што ова би водело до судири со околу 16.000 војници на КФОР во покраината.
„Србија знае како е да се биде во војна со целиот свет. Затоа таа опција не доаѓа предвид“, рече српскиот министер за одбрана Драган Шутановац.
Сепак, некои аналитичари во Белград предупредуваат дека српските власти ќе се соочат со тешка задача да ги штитат своите сонародници ако Србите што живеат во енклавите во Косово станат жртви на албанското насилство.
Белград -- и членката на Советот за безбедност Русија -- инсистираат на тоа преговорите да продолжат до изнаоѓањето компромисно решение.
Претходно оваа недела српскиот претседател Борис Тадиќ рече дека земјата ќе отпочне иницијатива за Советот за безбедност да побара мислење од Меѓународниот суд на правдата за тоа дали независноста на Косово ќе биде легална или не.
„Ако се случи вакво нешто, наша работа е да ја поништиме ваквата одлука и да отпочнеме законски процеси пред судовите и меѓународните правни институции за укинување на актот“, рече Тадиќ. Ако некоја земја ја прифати независноста на покраината, Србија „ќе отпочне процеси против владите на овие земји пред меѓународните правни институции“, додаде тој.
Пред две недели, српските министри усвоија акциони планови што ќе бидат спроведени ако Косово прогласи независност. Овие планови се прогласени за државна тајна и не й се достапни на јавноста.
Аналитичарите сметаа дека Белград може да воведе трговско ембарго врз Косово и да го спречи дотурот на електрична енергија за покраината. Белград е можно да ги преиспита своите политички и економски врски со земјите што ја признаваат независноста на Косово, па дури и да ги прекине дипломатските врски со некои.
Сепак, во случај на економска блокада на Косово, скоро сигурно е дека српските енклави во централно и јужно Косово, во кои живеат две-третини од преостанатите косовски Срби, ќе бидат изолирани. Ова лесно може да доведе до егзодус на Србите кон северниот дел на покраината, кој има тесни врски со самата Србија.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's