11/12/2007
Последната снимка на Осама бин Ладен предизвика мал интерес на Балканот, при што повеќето луѓе сметаат дека ова е проблем за Западна Европа и на САД.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times – 11/12/07
![]() Во ноември 2004 година терористите поврзани со Ал каеда бомбардираа четири локации во Истанбул. [Getty Images] |
Осама бин Ладен ги упати своите последни закани кон европските земји, особено оние кои соработуваа со САД во нивната глобална војна против тероризмот. На снимката објавена на крајот од минатиот месец, водачот на Ал каеда рече дека сака да испрати „порака до народите во Европа“.
Но, во дел од континентот -- Југоисточна Европа -- неговите зборови привлекоа малку внимание. Владите немаа официјални реакции, а локалниот печат и политичките аналитичари коментираа како приказната да нема многу врска со регионот.
Снимката не предизвика интерес дури ни во Турција, каде што оперативците поврзани со Ал каеда ги извршија смртните напади пред четири години. Со оглед на тоа што Турците моментно се преокупирани со насилството на курдските екстремисти и прекуграничната операција во северен Ирак, загриженоста на јавноста за Бин Ладен и неговата глобална терористичка мрежа опадна. Антиамериканското чувство е силно, и дефектите во процесот на пристап во ЕУ ја оддалечија земјата и од ЕУ.
Турската влада се воздржа од какви било јавни коментари за снимката. Медиумите во земјата ја третираа веста како прашање од меѓународен интерес главно за Западот.
Најтиражниот турски весник, Хуријет објави куса приказна во својот дел за вестите од странство и не истакна никаква евентуална закана за Турција.
Другите медиуми й посветија малку внимание на приказната, делумно и поради другите настани што доминираа во насловите. На 29-ти ноември, еден ден по објавувањето на снимката, се урна домашен авион, при што загинаа сите 57 лица во авионот. Следниот ден турската војска презеде чекори против терористите на Курдистанската работничка партија (ПКК) со бази во северен Ирак.
Новата снимка на Бин Ладен беше петта јавна изјава оваа година. Во неа, тој ги повикува луѓето во европските земји да извршат притисок врз своите влади за ставање крај на воената соработка со САД.
Тој обвини неколку актуелни и поранешни европски водачи -- меѓу кои и сегашниот британски премиер Гордон Браун и францускиот претседател Николас Саркози -- дека „се во сенката на Белата куќа“.
Неколку земји во Југоисточна Европа учествуваат во операцијата предводена од САД во Ирак и Меѓународните сили за помош во безбедноста на НАТО во Авганистан (ИСАФ), или во двете, што ги прави потенцијални цели.
Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија и Романија имаат свои контингенти во Ирак.
Бугарија, Хрватска, Грција, Македонија, Романија и Турција се дел од ИСАФ.
Југоисточна Европа, исто така, е местото каде што се одвиваат активностите на Ал каеда на регрутирање, при што групата сака да ја искористи верската поделеност што ги разгоре балканските конфликти во 1990-тите.
Во Босна и Херцеговина муџахединските водачи со врски со Ал каеда й се приклучија на босанската армија во борбата против силите на босанските Срби. Активности на Ал каеда се пријавени и во Косово.
Сепак, Турција е таа што има најсмртно искуство со тероризмот на групата.
Во ноември 2003 година бомбаши извршија напади врз две синагоги, Британскито конзулат и банката ХСБЦ. Најмалку 60 лица загинаа. Фатените осомничени рекоа дека дејствувале по наредба на Бин Ладен лично и дека биле во Авганистан за да се обучат и да ги испланираат нападите.
Бин Ладен сакал групата да ги нападне американските цели, особено воената база во Инџирлик, според изјавата што беше цитирана во извештаите на медиумите. Сепак, оригиналните цели се покажало дека се премногу тешки за напад и групата се решила за покревки места. На крајот, повеќето жртви беа Турци.
И покрај очигладно намалениот јавен интерес, турските аналитичари велат дека полициските и безбедносните претставници и понатаму сериозно ја сфаќаат заканата од Ал каеда и внимателно ги следат симпатизерите.