„Апо“ и неговото наследство на крвопролевање

29/11/2007

Додека Турција презема чекори кон реформите, Курдистанската работничка партија ја интензивираше својата вооружена кампања, во обид да ги убеди Курдите дека насилството е единствениот одговор.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 29/11/07

photo

Демонстранти протестираат во Лондон против Курдистанската работничка партија, повикувајќи ги европските влади да ја блокираат поддршката за оваа терористичка организација. [Aхмет Гормез]

Тројца високи американски генерали ја посетија Турција на крајот од минатата недела, сигнализирајќи посилна соработка помеѓу двата сојузници на НАТО во борбата против терористите на Курдистанската работничка партија, кои оперираат од северен Ирак.

Посетите на генерал Банц Кредок, командант на американските сили во Европа, генерал Дејвид Петреус, шеф на американските сили во Ирак и генерал Џејмс Картрајт, заменик-претседател на американскиот Здружен генералштаб, се случија само две недели по клучниот состанок во Вашингтон помеѓу американскиот претседател Џорџ В. Буш и турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган на 5-ти ноември.

„ПКК е терористичка организација. Тие се непријатели на Турција, непријатели на Ирак и непријатели на САД“, рече Буш на состанокот. „Добрите и здрави разузнавачки информации навремено предадени, со користење на модерната технологија, ќе го олеснат во голема мерка ефикасното справување со луѓето кои го користат убиството како оружје за постигнување на политичките цели.“

Турската влада се најде под зголемен јавен притисок да преземе остри мерки против базите на ПКК во северен Ирак, по едни од најсмртните напади на оваа група во последниве години.

ПКК, која е прогласена за терористичка организација од страна на САД, ЕУ и голем дел од меѓународната заедница, се бори од 1984 година. Во конфликтот загинаа повеќе од 37.000 луѓе.

Затворениот водач на ПКК, Абдула Оџалан, студирал на престижниот Факултет за политички науки во Анкара во текот на 1970-тите и го прифатил Маоизмот. Основачките членови на групата -- познати како „Апоисти“, по прекарот на Оџалан, Апо -- се залагаа за воспоставување марксистичко-ленинистичка народна република во југоисточна Турција. Со текот на времето, ПКК се сврте кон левичарската идеологија, вклучувајќи повеќе исламска и националистичка агенда.

Кога ПКК ја започна својата терористичка кампања на почетокот од 1980-тите, нејзе й се приклучија околу 200 милитанти. До следната деценија, бројот се зголеми на 12.000. Моментно, околу 5.000 се смета дека се активни: 2.000 во Турција и други 3.000 во северен Ирак.

Социоекономската неразвиеност, кршењето на човековите права и преокупацијата на турските функционери со безбедноста за сметка на другите прашања, й помогна на организацијата да добие сила. Поранешните турски политички и воени водачи признаваат денес дека погрешната политика го зголеми проблемот.

photo

[Aхмет Гормез]

„Беше наша грешка што строго го забранивме курдскиот јазик. Подоцна го сфатив тоа“, изјави поранешниот началник на турскиот Генералштаб, генерал Кенан Еврен, за весникот <I>Mилијет</I>. Водачот на државниот удар во септември 1980 година и седми претседател на Турција, Еврен, исто така потврди дека тортурата и лошиот третман на затворениците биле грешка.

„Мораме да ја признаеме курдската реалност во Турција“, рече друг поранешен началник на Генералштабот, Хилми Озкок, за весникот. „Турција мора сериозно да ги сфати своите етнички курдски граѓани. Никој не треба со презир да гледа на овие луѓе. Верувам дека проблемот може да се реши кога Турција ќе стане членка на ЕУ и нивото на приходите ќе достигне 15.000 американски долари“, рече тој.

Насилството на ПКК во Турција го достигна својот врв помеѓу 1993 и 1995 година, кога групата спроведе масовни напади против вооружените сили. Но, Турција спроведе успешни операции против бунтовниците и заканата беше ставена под контрола. Во 1999 година Оџалан беше фатен во Кенија и повеќето од неговите милитанти се повлекоа од Турција во северен Ирак. ПКК го промени своето име и стана Курдистански конгрес за слобода и демократија (КАДЕК), и објави дека ќе спроведува мирна и политичка агенда, и прогласи унилатерално примирје.

Но, во рок од неколку години, нападите повторно започнаа. До денес, во 2007 година, 160 цивилни жртви може директно да се припишат на ПКК, заедно со смртта на 138 турски војници и 266 членови на ПКК. Само во октомври од насилствата на ПКК загинаа 47 лица, меѓу кои и 35 турски војници.

Парадоксално, но повторното избивање на насилството се случи во време кога Турција, како дел од својот процес на пристап во ЕУ, ги воведе клучните реформи. Приватна настава на курдски јазик и емитувањето програми на курдски јазик се сега дозволени, иако остануваат ограничени. Рестрикциите за прокурдистанските културни организации се укинати.

Турската владејачка Партија на правдата и развојот, која доби втор мандат на парламентарните избори во јули, вети понатамошен ангажман со етничките Курди во земјата. Истовремено, пратеници од прокурдистанската партија ДТП освоија места во парламентот за првпат во последниве години.

Аналитичарите велат дека овие сигнали за растечки политички напредок се сметаат за закана од страна на ПКК. „Овие напади имаат за цел да ги испровоцираат Турците против Курдите и да го поткопаат вклучувањето на партијата ДТП во политичкиот систем на Турција“, вели Седат Лацинер, директор на Меѓународната организација за стратешко истражување во Анкара. „Тие сакаат да му кажат на турскиот народ дека единствениот пат напред е т.н. вооружена борба.“

Револтот на јавноста поради нападите ги притисна властите да спроведат прекугранична воена операција, чија цел беа базите на ПКК во Ирак. Сепак, минатите преседани посочуваат дека ваквиот пристап можеби не е ефикасен. Неколку упади беа спроведени во минатото -- првиот во 1983 година и последниот во 2001 година -- но не ставија крај на ПКК.

Командантот на турските копнени сили, Илкер Басбуг, го призна ова, но тој инсистира на тоа дека воената операција останува неопходна.

„Борбата против сепаратистичкиот тероризам има четири главни димензии -- безбедноста, економската, социо-културната и психолошката борба“, рече Басбуг во неодамнешниот говор на Воената академија на копнените сили. „Сите четири се комплементарни. Борбата на Турција против ПКК траеше толку долго поради проблемите во координирањето на чекорите во овие четири области.“

Во меѓувреме, соработката помеѓу САД и Турција се зголеми, при што фокусот беше ставен на лоцирањето и изолацијата на раководството на ПКК и пресекувањето на логистичката поддршка за групата. Американската администрација побара од европските сојузници да ги искоренат активностите на ПКК во Европа и да ги блокираат нејзините финансиски ресурси и пропаганди средства.

Групите на ирачките Курди побараа од Турција да понуди општа амнестија за милитантите на ПКК и да разговара со групата. Но, Турција вели дека нејзин приоритет е да ги принуди милитантите да го положат оружјето.

Вицепремиерот Чемил Чичек, портпарол на владата, за новинарите изјави дека и покрај тоа што претходните закони за амнестија дадоа резултати, тие не се трајно решение.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading