Романија ги одржа првите избори за ЕП: малиот одѕив на гласачите го поништи евентуалниот изборен референдум

26/11/2007

Демократите на претседателот Трајан Башеску победија на изборите во неделата за Европскиот парламент, но предлогот за воспоставување мнозински гласачки систем се чини дека пропадна.

Од Пол Кокиу за Southeast European Times во Букурешт -- 26/11/07

photo

Претседателот на Демократската партија (ПД) Емил Боц (десно), градоначалникот на Букурешт, Адријан Видеану (лево), и другите членови на партијата слават во штабот на ПД по изборите во неделата. [Getty Images]

Романците во неделата (25-ти ноември) ги избираа своите претставници во Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур. Тринаесет политички партии и еден независен кандидат се натпреваруваа на првите европски избори. Романците влегоа во ЕУ во јануари оваа година.

Истовремено, граѓаните гласаа на националниот референдум за предлогот на претседателот Трајан Башеску за мнозински изборен систем. Но, резултатите, најверојатно, ќе бидат поништени поради слабиот одѕив.

Според прелиминарните резултати, Демократската партија на Башеску победи на изборите за ЕП, со 29,23 отсто од гласовите. Социјалдемократите беа втори, со 21,65 отсто од гласовите, додека Национал-либералната партија на премиерот Калин Попеску Таричеану доби нешто повеќе од 13 отсто од гласовите. Најголем пораз претрпе ултранационалистичката Партија за поголема Романија (ПРМ), која досега имаше пет од вкупно 35 места во ЕП за Романија. Таа доби само 3 отсто од гласовите и можеби повеќе нема да има претставници.

Водачот на ПРМ, Корнелиу Вадим Тудор, веќе ја објави својата оставка од романскиот парламент. Тој ги повика своите партиски колеги да го сторат истото.

На паралелниот референдум, 82,9 отсто од Романците рекоа „да“ за новиот систем на Башеску. Но, одѕивот, кој се проценува на 25,5 отсто од гласовите, беше далеку од потребниот праг од 50 отсто и резултатите нема да се важат.

Башеску предложи да им се дозволи на Романците директно да ги избираат индивидуалните кандидати, наместо преку партиски листи, и да воспостават мнозински гласачки систем наместо сегашниот пропорционален. Новиот систем, кој, исто така, ќе го намали бројот на пратениците за околу 20 отсто, е одраз на изборниот систем во два круга што се користи во Франција и би можел да води до формирање на посилни влади.

Алтернативниот предлог на Таричеану значи воспоставување на пропорционален систем со мешано членство, заснован на германскиот изборен систем.

„Референдумот претставува лекција дури и за мене, но јас нема да престанам да верувам и да говорам дека Романците сакаат реформа на политичката класа“, рече Башеску во говорот од неделата, во кој го призна поразот. Тој рече дека требало да посвети повеќе време на објаснувањето на важноста на мнозинскиот изборен систем.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading