Помалите партии би можеле да одлучат по тесните изборни резултати во Хрватска

26/11/2007

Хрватската демократска заедница на премиерот Иво Санадер за малку се проби пред социјалдемократите на изборите во неделата, но на двете партии им недостасува потребното мнозинство во парламентот. Интензивни разговори за коалицирање може да се очекуваат во следните неколку дена.

Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб – 26/11/07

photo

Претседателот на ХДЗ, Иво Санадер, реагира по добивањето на прелиминарните резултати од изборите во неделата (25-ти ноември). [Getty Images]

Со малата предност на владејачката партија и потенцијалната можност на левичарската опозиција за коалицирање, може да помине некое време пред да биде јасен исходот од општите избори во неделата (25-ти ноември) во Хрватска. Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на премиерот Иво Санадер и социјалдемократите (СДП) мора да се борат за добивање на потребните 77 гласови за парламентарно мнозинство.

Прелиминарните резултати, базирани на пребројани над 97 отсто од гласовите, покажуваат дека ХДЗ има 35,84 отсто од гласовите, односно 60 места. Социјалдемократите се втори со 31,84 отсто, или 57 места. На третото место е коалицијата на Хрватската селска партија (ХСС), Социјал-либералната партија (ХСЛС) и Приморско-горанскиот сојуз (ПГС), со осум места. Хрватската народна партија (ХНС) е четврта со седум места.

Претседателот на ХДЗ, Санадер, беше прв што започна со славење. Веднаш по добивањето на резултатите тој ја прогласи својата партија за победник и рече дека ќе побара мандат за формирање влада од претседателот Стипе Месиќ. Атмосферата во штабот на ХДЗ беше еуфорична. Но, таква беше атмосферата и во штабот на СДП, каде што партиските членови уживаа во концертот на акустична музика на една хрватска рок група. Водачот на СДП, Зоран Милановиќ вети дека ќе ги собере потребните гласови за добивање на премиерското место.

Малите партии се оние што ќе одлучат кој ќе биде победник на крајот. Левичарската ХНС веќе се изјасна дека е подготвена да коалицира со СДП, но одлучувачка во овие избори, најверојатно, ќе биде центристичката коалиција на ХСС-ХСЛС-ПГС. Коалицијата, моментно, преговара и со Санадер и со Милановиќ. Како што гласи една стара хрватска поговорка: Оној што ќе понуди повеќе ќе ја добие невестата.

Хрватската дијаспора, особено во Босна и Херцеговина каде што поддршката за ХДЗ е силна, може, исто така, да биде решавачки фактор. Гласачите во дијаспората се очекува да му дадат на Санадер и неговата партија дополнителни пет места.

Претседателот Месиќ, кој ги следеше изборните резултати од неговата канцеларија, рече дека ќе „му даде мандат за формирање влада на оној кој ќе има јасно загарантирани 77 парламентарни гласови“. Претседателот говореше со двајцата кандидати вечерта по изборите, но одби да даде некому да му даде предност, велејќи дека сака да остане неутрален во текот на процесот.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading