15/11/2007
Романија сака да ја заокружи истрагата на ЕК за продажбата на „Аутомобиле Крајова“ на „Форд мотор компани“, пред американскиот производител на автомобили да побара нова локација за своите централи во Централна и Источна Европа.
Од Пол Чиочиу за Southeast European Times во Букурешт - 15/11/07
![]() „Форд Јуроп“ ќе соработува со Европската комисија со цел да се постигне задоволителна одлука околу ова прашање што е можно побргу“, велат официјалните претставници во изјавата. [Габриел Петреску] |
Минатата недела романската агенција за приватизација им ги испрати на официјалните претставници на Европската комисија (ЕК) во Брисел одговорите на серијата прашања поврзани со истрагата за неодамнешниот договор на земјата со „Форд мотор компани“.
ЕК испитува дали Романија направила прекршок во врска со помошта за државата, при продажбата на фабриката за автомобили „Аутомобиле Крајова“ на „Форд“.
Комесарот за конкурентност на ЕУ, Нили Кроес, рече: „ЕК целосно ја поддржува стратегијата на Романија за приватизација. Сепак, ние мораме да се осигуриме дека процесот на приватизација е отворен и транспарентен, без нелегална државна помош. Во овој случај, јас се сомневам дека регулативите за државна помош не се почитувани.“
Џонатан Тод, портпарол на ЕК, рече дека „нелегална државна помош“ претставува „секоја помош што се дава без претходно известување на Комисијата“.
Премиерот Калин Попеску Таричеану и директорот за бизнис стратегија на Форд за Европа, Лил Вотерс, потпишаа договор за приватизација на 12-ти септември, за време на автомобилскиот саем во Франкфурт. Форд се согласи да купи 72,4 отсто од фабриката за 57 милиони евра.
Романија, наводно ги прости долговите на фабриката и гарантираше исплата на долговите на претпријатието кон други поранешни филијали на Даеву. Покрај тоа, Романија побарала од Форд да се согласи -- во текот на следните четири години -- на минимални производствено ниво од 200.000 автомобили и продолжување на сегашната активност на фабриката, како и вработување на сите вработени од поранешната фабрика на Даеву.
Истрагата на ЕК ќе потврди дали овие услови резултирале со пониска цена од онаа ако продажбата беше без услови.
Управата за враќање на државните средства (АВАС), романска агенција за приватизација, рече дека одговорите на владата на прашањата на ЕК биле подготвени од страна на сите државни институции вклучени во приватизацијата на романскиот производител на автомобили. Сепак, одговорите не беа објавени поради тоа што тие содржат доверливи елементи за процесот.
АВАС го увери Брисел дека приватизацијата е извршена според процедурите на комунитаризмот и на транспарентен начин.
Претседателот на Форд за Европа, Џон Флеминг, рече дека претпријатието е разочарано од истрагата на ЕК, додавајќи дека тој има впечаток оти приватизацијата е во согласност со регулативите на ЕУ.
ЕК нема краен рок за комплетирање на истрагата, макар што тие генерално траат по околу 18 месеци.