Новиот трговски центар во Белград најголем во регионот

14/11/2007

Третото по големина претпријатие во Србија, Делта холдинг, отвори трговски центар со капацитет еднаков со оној во Нови Сад. Со овој потег беше крунисана годината на успех, која вклучуваше и прва српска инвестиција во едно претпријатие на ЕУ -- бугарскиот Пикадили.

Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 14/11/07

photo

Новиот трговски центар беше отворен претходно овој месец. [Добиено со љубезна согласност на Игор Јовановиќ]

Делта сити, најголемиот трговски центар на Балканот, беше отворен на 1-ви ноември во Нов Белград, дел од главниот град на Србија кој станува бизнис центар на градот. Трговскиот центар зазема простор еднаков на 15 фудбалски игралишта и има 125 продавници и капацитет од околу 200.000 луѓе -- приближно колку населението на Нови Сад -- главниот град на северната српска покраина Војводина.

Делта сити, кој чинеше 74 милиони евра, беше изграден за 18 месеци, со помош на 53 белградски претпријатија. Покрај продавниците, трговскиот центар има и кугларница, а мултиплексот е во фаза на изградба. Ползата за локалната економија би можела да биде значителна, со оглед на тоа што ќе се создадат околу 1.500 работни места.

Капацитетот ја крунисува годината на проширување на Делта холдинг, трето по големина претпријатие во Србија, зад државната рафинерија за нафта и електродистрибуцијата, и една од петте најголеми претпријатија во регионот. Во септември малопродажниот дел на претпријатието, Делта Макси, купи 85 отсто од акциите во Пикадили, бугарски синџир. Тоа е прва инвестиција на едно српски претпријатие во претпријатие од ЕУ.

Новите сопственици планираат да го направат Пикадили најголемо малопродажно претпријатие во Бугарија, со удел во пазарот од околу 20 до 25 отсто. Тие ќе инвестираат 70 милиони евра за отворање 20 нови продавници, во кои ќе работат 1.000 работници во текот на следните две години, според претставникот на Делта, Драган Филиповиќ.

Плановите за проширување не запираат тука. Основачот, Мирослав Мишковиќ, вели дека доаѓаат нови трговски центри -- два во Белград и по еден во Нови Сад и Ниш. Во 2008 година претпријатието планира да отвори трговски центар во црногорскиот главен град Подгорица, како и во Бања Лука, главниот град на српскиот ентитет Република Српска во Босна и Херцеговина (БиХ). Делта Макси веќе го презеде вториот по големина малопродажен синџир во БиХ, Тропик.

Покрај тоа, претпријатието е во преговори за отворање трговски центар во Загреб и е заинтересирано за слични проекти во Тирана, Скопје, Букурешт и Софија. Српските власти ги поздравија проширувањата, велејќи дека тие го отвораат патот за српските производители да ги пласираат своите производи на пазарот на ЕУ, како и на регионалните пазари.

Делта холдинг се соочувало и со проблеми. Претпријатието планираше спојување со најголемиот хрватски синџир продавници, Агрокор. Но, во септември договорот беше поништен, при што Делта тврдеше дека властите во Загреб создаваат пречки.

Хрватска сака да ги држи српскиот главен град надвор од земјата, вели претпријатието -- обвинување што хрватската влада го негираше.

Сопственикот Мишковиќ е еден од најбогатите српски бизнисмени. Во 2001 година тој беше киднапиран од членовите на т.н. Земунски клан и беше ослободен откако им плати милиони евра откуп. Истата банда беше одговорна за убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ во март 2003 година.

На 30-ти октомври белградската телевизија Б92 објави дека Мишковиќ добил забрана за влез во САД поради поврзаност со режимот на Слободан Милошевиќ. По соборувањето на режимот, според телевизијата, тој се поврзал со новите власти и оттогаш имал клучна улога во приватизацијата.

Мишковиќ ја штити својата позиција со великодушно финансирање на српските политички партии, тврди Б92.

Делта ги негираше наводите, велејќи дека е дел од кампања на клевета. „Објавувањето на ваквите вести само еден ден пред отворањето на најголемата инвестиција на Делта -- трговскиот центар Делта сити -- јасно покажува дека ова е внимателно испланирана и осмислена кампања со цел уништување на репутацијата на претпријатието“, се вели во соопштението на претпријатието.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading