13/11/2007
Ако не биде постигнат договор за нов премиер на Босна и Херцеговина во рок од еден месец, земјата ќе мора да одржи предвремени парламентарни избори.
(Канцеларија на високиот претставник - 13/11/07; AФП, АП, Ројтерс, ДПА, АКИ, Б92 - 12/11/07)
![]() Премиерот на Босна и Херцеговина Никола Шпириќ даде изјава за новинарите во понеделникот (12-ти ноември) во Сараево, откако претседателството ја прифати неговата оставка. [Getty Images] |
Трипартитното претседателство на Босна и Херцеговина во понеделникот (12-ти ноември) објави дека ја прифати оставката на премиерот Никола Шпириќ.
„Мислам дека ќе беше добро за земјата Шпириќ да ја повлечеше својата оставка, но тој инсистираше“, им рече на новинарите Харис Силајџиќ, бошњачки член на трипартитното претседателство. „Започнуваме консултации со партиите за новата влада.“
Претседателството, со кое моментно раководи босанскиот Хрват Жељко Комшиќ, мора да му предложи на парламентот кандидат за премиер во рок од 30 дена. Ако не го стори тоа, ќе мора да се свикаат предвремени парламентарни избори.
Шпириќ ја предаде својата оставка на 1-ви ноември, во знак на протест поради одлуката на високиот претставник Мирослав Лајчак за воведување реформи, со цел да се подобри функционалноста на државните институции, вклучително и на владата на Шпириќ.
На 19-ти октомври словачкиот дипломат објави серија мерки, вклучително и измени на правилата за кворум, кои ја одредуваат работата на Министерскиот совет на БиХ и парламентот, со што ќе стане потешко членовите на двете тела да го блокираат усвојувањето на одлуките и законите со бојкот на седниците.
Лајчак рече дека ако мерките не бидат спроведени до 1-ви декември, тој ќе ги искористи своите овластувања како највисок меѓународен администратор во БиХ за да ги наметне.
Политичарите на босанските Срби веднаш ги отфрлија предложените чекори како неуставни и спротивни на Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши конфликтот во БиХ во периодот 1992-1995 година. Тврдејќи дека мерките ќе им овозможат на Бошњаците и Хрватите да ги надгласаат, тие се заканија дека ќе ги напуштат сите институции на државно ниво.
Шпириќ, кој е член на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) на премиерот на Република Српска (РС) Милорад Додик, и кој ќе ја врши премиерската функција додека не биде назначена новата влада, е првиот босански Србин кој ја напуштил функцијата. Неговиот потег уследи по декларацијата на претставниците на најголемите сили што ја надгледуваат повоената обнова на БиХ, во која се изразува целосна поддршка за Лајчак и за неговите одлуки.
Додик во понеделникот рече дека СНСД ќе земе учество во политичките разговори за избор на замена за Шпириќ, под услов високиот претставник „да се повлече или да ја измени“ својата одлука. Лајчак во вторникот рече дека сé уште чека одговор од РС во врска со законската интерпретација на предложените амандмани испратени до ентитетот на разгледување.
„Одлуката на високиот претставник е на сила и за неа не може да се преговара“, објави неговата канцеларија минатата недела.
Лајчак в четврток треба да го информира Советот за безбедност на ОН во врска со актуелната политичка и безбедносна ситуација во БиХ. Тој ќе му каже на телото од 15 нации дека двете сценарија со кои земјата се соочува се „ескалација на вештачка политичка криза, која води до изолација, или смирување на политичката криза и одење напред по европскиот пат“, објави во вторникот неговата канцеларија.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's